Kога власта ја губи контролата врз пандемијата, слободата е загрозена

Навистина, пандемијата ја покажа новата географија на смртта и грдите фрактури во здравствениот систем, здравствените нееднаквости, дискриминацијата, поткопување на правото на слобода на изразување и правото на пристап до информации, груба негрижа во заштитата од инфекцијата со ковид-19, што се јасни прекршувања на принципите на меѓународното право за човекови права. И за тоа се бара да се молчи. Да се молчи и да не се сомневаш во способноста на оваа влада да се справи со пандемијата, а камоли да побараш одговорност за најголемата смртност во Европа
од пандемијата

Дали македонскиот народ заслужува не само слобода туку слобода без последици? Очигледно не. Македонскиот народ е за „колективна психијатриска процена – багра народ да ти е срам да живееш со него“, ќе запише дијагноза за народот еден новинар, коментирајќи ги протестите на граѓаните против мерките на Владата за ковид-19. Aнтиваксери или хејтери, како што ги нарекува друг новинар, не знаат кој кого „е**е“ во ситуацијава, и од својата идеолошко политичка контаминираност не може да види дека се работи за граѓани што протестираат зашто избрале слобода да игнорираат наметнати авторитети и слобода да дојдат до сопствени заклучоци. Тоа е истиот народ што ги преплави улиците на европските градови и светот, барајќи да си ја врати слободата за време на пандемијата. Народ што нема доверба во своите лидери дека можат да ги заштитат за време на пандемијата. Но кај нас овој народ го квалификуваат како прост, неписмен, заведен од теориите на заговор за пандемијата, кои се мрачни, параноични и вознемирувачки, одрекувајќи му ја можноста да мора да прифаќа работи во кои не сака да верува. А секој има право да верува во она што сака да верува, без оглед дали е вистина или лага. Верувањето, како и волјата, e фундаментално за автономијата на секоја човечка индивидуа и е крајната основа за нечија слобода. Нашите основни верувања дефинираат кои сме и како живееме. Слободата да се верува и да се живее според тие верувања е основа за граѓанското општество каде што луѓето со различни верувања можат да живеат и работат заедно со меѓусебно почитување. Секаде, но не и во ова наше „едно општество за сите“.

Протестот на неистомислениците за генералниот наратив за пандемијата на Владата и министерот Филипче е тажната реалност што ја живееме во Македонија. Сатанизирајќи го протестот како антиваксерски (иако на него имаше луѓе што се вакцинирани), самите си го одрекуваме и поганиме граѓанскиот карактер на општеството во кое си прост, неписмен (немиен, м.з.) и заведен да го живееш она во што веруваш и да протестираш против оние што се „грижат“ за твоето здравје. Очигледно дека во Македонија добри се само оние идеи и верувања што ги пласира власта и за кои се бара слепо да ги следиш, без да се сомневаш и, не дај боже, критички да размислуваш. Во Македонија не смееш да го отфрлиш доминантниот наратив на власта, лишувајќи се од слободата да избереш извори на информации и, во краен случај, да измислиш нарација што најдобро одговара на твојата пристрасност, игнорирајќи сѐ што се судира со погледот на светот на властодршците. Оној руралниот.

Протестот на „баграта“ народ за дискриминаторниот карактер на антиковид-мерките на Владата покажа до кој степен се инфицирани политичките и граѓанските права во државава и колку е стеснет граѓанскиот простор на дејствување. Секако дека владите се одговорни за заштита на своите граѓани и обезбедување на нивното здравје и безбедност, а во екстремни ситуации, оваа заштита може да вклучува привремено суспендирање или ограничување на граѓанските слободи заради јавното здравје. Меѓутоа, кај нас се замолчува секој што се обидува да размислува дали овие мерки исполнуваат голем број критериуми за да бидат веродостојни и прифатливи, вклучувајќи и да бидат ограничени во обемот и времетраењето, да имаат општа применливост (т.е. да не се ограничени на одредени популации), да се засноваат на правни норми, да бидат пропорционални на почитување на човечкото достоинство и да се предмет на ревизија. Навистина, пандемијата ја покажа новата географија на смртта и грдите фрактури во здравствениот систем, здравствените нееднаквости, дискриминацијата, поткопување на правото на слобода на изразување и правото на пристап до информации, груба негрижа во заштитата од инфекцијата со ковид-19, што се јасни прекршувања на принципите на меѓународното право за човекови права. И за тоа се бара да се молчи. Да се молчи и да не се сомневаш во способноста на оваа влада да се справи со пандемијата, а камоли да побараш одговорност за најголемата смртност во Европа од пандемијата. Па, еден Борис Џонсон ѝ се обрати на нацијата и се извини за големата смртност од пандемијата во Велика Британија. А кај нас стануваш „багра“ за „психијатриска процена“ ако не сакаш да молчиш. Се оди дотаму да се бара за вашите „погрешни“ верувања и сопствени заклучоци во врска со пандемијата да бидете отфрлени од здравствениот систем за лекување, истиот оној што го плаќате. Во држава на лажни величини, оној што доцнеше со набавка и кој „питачи“ од мене до тебе за донации во вакцини, кој мерките за справување со пандемијата политички и етички ги калибрира, се бара да биде амнестиран од секаква можност за критика и одговорност. Ова е кастингот за добриот, лошиот и грдиот во македонска верзија. Секако, низ призмата на нашите „независни“ медиуми и граѓански државно плетени активисти.

Кога власта ја губи контролата врз пандемијата, слободата е загрозена. Затоа е толку жестока реакцијата на онаа „багра“ од народ што се обиде да го сврти вниманието на дискриминирачките мерки за справување со пандемијата, кои имаат помала врска со јавното здравство отколку со заштитата на политичката и институционалната репутација на власта и со обидот да се поврати контролата врз разорниот наратив за пандемија што се храни со нејзините неуспеси во предвидувањата, подготовката и мобилизацијата. Потиснувањето на протестот и неговата диригирана медиумска осуда е меѓу најопасните видливи и најстрашните напади врз слободата на изразување и говор и слободата да се верува за да го замагли разбирањето на кризата и да ги спречи напорите да се направат одговорни оние што управуваат со заканата на пандемијата врз животот на граѓаните. Да си глуп не е забрането во правото. Но ништо не е поопасно од искреното незнаење и свесната глупост. Се прашувам дали тоа го посакува власта од „својот“ народ? Сигурно не од онаа „багра“ народ што се обидува да верува во сопствените заклучоци за пандемијата и начинот за нејзино ставање под контрола. А во меѓувреме глупоста и полтронството стануваат животозагрозувачки во Македонија.