Пањширската долина, една од најмалите авганистански провинции која се наоѓа на 65 километри од Кабул, претставува последен бастион на отпорот кон талибанското владеење во Авганистан, по преземањето на контрола врз државата од страна на екстремистичката група, пишува весникот „Нешнл“.

Талибанците ја заземаа речиси целата територија но Пањшир, чие име значи „пет лава“ на персиски, претставува природна тврдина. Наспроти блискоста до Кабул, ниту една власт, странска или авганистанска, никогаш не успеала да ја заземе и задржи со сила оваа провинција. Пањширските лидери, пак, отсекогаш истакнувале дека долината е дел од Авганистан, но под сопствени услови. Пањширската долина сега претставува и засолниште за бегалците од другите делови на државата.

– Кога падна Кабул, пањширците донесоа борбени хеликоптери и оклопни возила од соседните провинции – вели извор на „Нешнл“, додавајќи на лидерите на Пањширската долина дека им се прикучиле и дел од водечките кадри во авганистанските специјални сили кои одбиваат да им се предадат на талибанците.

Талибанците засега не се обидоа да го заземат Пањшир, а извор близок до локалните лидери вели дека тие не се загрижени за можната талибанска офанзива, како и дека испратиле порака до новата власт да не се обидува да влезе во долината. На најновите мапи кои ја прикажуваат контролата на територијата во Авганистан, Пањшир навидум изгледа како остров, опкружен со новиот поредок на талибанците.

Ова значи дека тамошните жители кои во претходните војни зависеа од меѓународната помош, главно од Иран, Индија и од Западот, сега се уште поизолирани. Познавачите на состојбите сметаат дека талибанците ќе се обидат да ги придобијат лидерите на Пањшир, додека во меѓувреме локалните лидери дискутираат за листа на барања за преговори, во случај на таков обид.