Тирана – Во новата 2021/2022 учебна година, албанската влада ќе обезбеди бесплатни учебници за сите ученици во основното образование, вклучувајќи ги и оние од осмо и деветто одделение, кои досега не беа опфатени со оваа програма.
Министерката за образование, спорт и млади, Евис Куши, ја објави веста на социјалните мрежи, објаснувајќи дека на списокот на корисници ќе бидат и средношколци што се во потешка социоекономска состојба. Станува збор за околу 280.000 ученици, од кои 16.000 се од средно образование. („360 степени“)
Подгорица – Досега се регистрирани 541 турист во Црна Гора што се заразиле со коронавирус. Последниот месец, Дирекцијата за инспекциски работи издала околу 380 решенија за самоизолација на туристите, повеќето од нив во Будва. Црна Гора е една од ретките туристички земји во кои може да се влезе без каков било епидемиолошки документ – доказ за вакцинација против коронавирус или негативен тест. (РСЕ)
Атина – Јахта со 18 патници потона вчера во близината на егејскиот остров Милос. Несреќата се случила 16 наутички милји северозападно од островот. Во спасувачката операција биле спасени сите 18 патници, а станува збор за јахта долга 30 метри, на која било истакнато знамето на Велика Британија. Забележано е дека во таа област дуваат ветрови од четири до пет степени според Бофоровата скала. (ЕРТ 1)
Бисер балкански
Постковид-опуштање на возачите
Полицијата во Република Српска за четири дена исклучила од сообраќај 1.102 возачи што биле под дејство на алкохол, а 124 лица биле уапсени и задржани на отрезнување, затоа што возеле со над 1,5 промил алкохол во крвта. Против 46 возачи биле поднесени казнени пријави поради користење дрога и други психоактивни супстанции.
Акцијата на полицијата е спроведена од 6 до 9 август, во рамките на кампањата „Вози внимателно – патувај безбедно“, а била најавена и на медиумите и на социјалните мрежи, но граѓаните на РС не се придржувале на апелите на полицијата.
– По попуштањето на епидемијата, луѓето се опуштија, а тоа е фактор што влијае негативно на сообраќајот – изјави Милија Радовиќ, директор на Агенцијата за безбедност во сообраќајот во РС.
Во јули во РС загинале 14 лица во 13 незгоди, што е двапати повеќе во однос на лани, кога починале седум лица.