Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук напиша дека јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а дека мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока.

– Тие не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат – напиша Филипче.

– Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните – додава министерот за здравство.

Тој во својот напис како што вели бара максимална одговорност од сите.

– Делта-сојот брзо се шири. Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација – потенцира Филипче.

Неговата објава следеше откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оцени дека ова се квази мерки кои што не само што нема да го заштитат здравјето на граѓаните, туку и дополнително ќе направат поделби меѓу граѓаните.