Хрватската полиција го уапси возачот на косовскиот автобус кој денеска излета од автопатот кај Славонски Брод.
Најмалку 10 лица загинаа, меѓу кои и колегата на возачот со кој се менувале по патот.
Според последните информации повредени се 45 патници, а 23 од нив се со тешки повреди.
Заменик-општинскиот државен обвинител Славко Прањиќ направи увид на местото на несреќата и рече дека возачот е уапсен.
„Според досега утврдените факти, станува збор за автобус кој излетал на јужната страна од патеката. Автобусот беше на релација Франкфурт-Приштина, сообраќајниот превозник ‘Дева Турс’ со седиште во Приштина“, изјави Прањиќ пред новинарите.
Како што истакна, возачот пред полицијата рекол дека задремал за момент.
„Возачот на автобусот беше пронајден на местото на настанот, во меѓувреме е уапсен. Спроведена е истрага и се спроведуваат други доказни активности за покренување кривична постапка“, изјави тој.