Секој изговор за воздржаност и саботирање на она што се нарекува црвени линии на резолуцијата (унитарност на државата, заштита на македонскиот национален идентитет, јазик, историја, државни симболи) го става албанскиот политички фактор во функција на подизведувач на туѓите интереси на штета на Македонците и македонизмот. Во таква опција и со такви (евентуално) скриени намери – зеленото ребрендирање на албанската политичка елита може да симболизира само интелектуална политичка незрелост за излегување од етноцентристичката матрица
Енигмата што ја постави ДУИ на македонската политичка сцена со своето зелено ребрендирање, наводно како партија што етничките приоритети на албанското малцинство ги заменува со политички коректните еколошки теми, почна да се разобличува уште пред некој сериозно да се зафати да бара какво било решение. Реалните интелектуално-политички капацитети на албанската политичка елита (не само онаа на ДУИ) се чини сѐ уште не се дораснати за справување со глобални прашања од заеднички интерес, надвор од матрицата на етничкиот светоглед. За почеток, екологијата како глобален предизвик, со кој во практика се соочуваме локално, претпоставува емпатија, грижа и солидарност со сите со кои ја делиш истата животна средина. Истите тие критериуми се уште поиманентни кога екологијата ја претставуваш како примарна (макар и ребрендирана) платформа на политичко дејствување. Но ребрендирањето на досегашните борци за исклучиво свои етноцентристички интереси се соочува со големо искушение во практичната примена на цивилизациските вредности на заедничкото живеење. Таквиот практичен тест на капацитетите за солидарност и ставање приоритет на државниот пред етничкиот интерес за албанскиот политички фактор во Македонија се појави со предлог-резолуцијата за државните позиции за евроинтеграциите. Оваа резолуција, предложена и доставена до Собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, декларативно прифатена и од владејачката СДСМ и од други помали парламентарни партии, предизвика сомничава реакција на воздржаност во албанскиот политички блок, а дури и одбивање од страна на ДУИ, со квалификација дека е „етничка“, бидејќи со неа треба да се дефинираат македонските историско-идентитетски црвени линии во понатамошниот процес на евроинтеграциите.
Причината и потребата за една ваква резолуција во македонското собрание се наметна речиси како изнудена, поради агресивното и дрско негирање на македонскиот национален идентитет на сите нивоа, од страна на соседните земји-членки на ЕУ, во процесот на евроинтеграциите. Злоупотребувајќи го механизмот на консензуално одлучување за проширувањето во ЕУ, претходно Грција, а сега Бугарија настојува да ги наметне своите националистичко-историски аспирации спрема Македонија, Македонците и сите атрибути на македонизмот, како услови (поглавја) во преговарачката рамка на ЕУ во процесот на македонските евроинтеграции. Бугарското собрание во 2019 година веќе изгласа т.н. национална рамковна позиција со услови за нивната поддршка на македонските евроинтеграции, на која се повикуваат како обврзувачка при ефектуирањето на секое вето за Македонија во ЕУ. Како да не е доволно тоа, минатава недела се појави иницијатива за уште една декларација, со која сите партии што учествуваат на парламентарните избори (кои се одржуваат викендов – на 11 јули) требаше да се обврзат да не отстапуваат од позицијата на вето во ЕУ додека не се исполнат бугарските националшовинистички уцени…
Сиот тој уценувачки контекст за македонските евроинтеграции, кој се заканува со бришење на македонскиот национален идентитет не само во иднината туку и во минатото; како и лицемерниот амбивалентен однос на самата ЕУ, која се претставува како немоќна да ги исполни своите ветувања по изнудените жртви од Македонија, веројатно го предизвика критичниот миг за конечно артикулирање на една резолуција со идентитетски црвени линии, која постојано се споменуваше како потребна во трите децении независност, постојано исполнети со отворено и прикриено негирање на самото македонско постоење. Притоа, Албанците во Македонија постојано беа некаков опструктивен фактор во целиот процес на конституирање на македонската независна државност. И по тридецениско независно заедништво во државата Македонија, сѐ уште е дискутабилна конструктивноста на албанскиот фактор во градењето некаков заеднички државно-национален интерес. Актуелно манифестираната резервираност за Резолуцијата за македонските идентитетски црвени линии остава впечаток дека, и покрај дводеценискиот процес на интеграција со Охридскиот договор, албанскиот политички блок не може да го надрасне синдромот на грижа само за сопствените тесни етничко-партиски интереси и да го достигне стадиумот на посветеност на државните интереси на Македонија.
Фактот дека за усвојување на Резолуцијата е потребно просто мнозинство во Собранието, процедурално не го доловува вистинското значење на потребата за нејзината консензуална поддршка. Поддршката без калкулации и уцени од видот „македонска резолуција за возвратна резолуција за уставна двојазичност“, секако, испраќа порака за вистинско мултиетничко заедништво, искрена солидарност, државна обединетост и, конечно, заедничка позиција и интерес за евроинтеграциите. Секој изговор за воздржаност и саботирање на она што се нарекува црвени линии на резолуцијата (унитарност на државата, заштита на македонскиот национален идентитет, јазик, историја, државни симболи) го става албанскиот политички фактор во функција на подизведувач на туѓите интереси на штета на Македонците и македонизмот. Во таква опција и со такви (евентуално) скриени намери – зеленото ребрендирање на албанската политичка елита може да симболизира само интелектуална политичка незрелост за излегување од етноцентристичката матрица.