Ветото на Софија ги опструира стратегиските цели на Унијата за проширување, но Европа создава алтернативи
Дали државите од Западен Балкан денес се сѐ подалеку од членство во Европската Унија, а сѐ поблиску до еден мини-балкански сојуз? Колку процесот, кој требаше да ги забрза реформите и патот кон Брисел, се претвори во крстосница на која се испреплетуваат различни влијанија и интереси? Дали ЕУ стана жртва на некои свои членки, кои „елитниот клуб“ го користат за свои лукративни цели? Дали овие седум години, во кои Германија и Меркел вложија многу, се само „верглање во празно“ поради немоќта на Европската Унија и нејзината анемичност да биде лидер на процесите или сето тоа е пресметано и добро испланирано?
Македонија и Албанија поради ветото на Софија се заглавени пред почетокот на пристапните преговори, Србија и Црна Гора во самите пристапни преговори, а за Босна и за Косово европската перспектива е само теорија.
Европа (не) го разбира Балканот
Симонида Кацарска од Институтот за демократија вели дека седум години по иницирањето на Берлинскиот процес, иако формално не гледаме значајно поместување во однос на приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ, мислам дека не би требало истиот тој да го прогласиме како целосно неуспешен.
– Несомнено, процесот имаше свои недостатоци, но креираше редовен форум за дискусија помеѓу клучните земји-членки и регионот, кој недостигаше. Се направи и поместување за разбирањето на потребата за регионална интеграција во контекст на пристапувањето во ЕУ. Сепак, Берлинскиот процес не може да го компензира недостигот од политичка одлука во ЕУ за проширувањето кон Западен Балкан. САД со политиката на претседателот Бајден, несомнено работат на унапредување на партнерството со Европа, но не сум сигурна колку време ќе треба за да се надомести изгубеното од претходната американска администрација – посочува таа.
Универзитетскиот професор Нано Ружин вели дека иницијативата не е стара само седум години, туку дека таа е присутна уште од 2003 година од самитот од Солун, каде што било најавено дека државите на Западен Балкан ќе бидат идни членки на ЕУ.
– Тоа е долг период и во политиката и во дипломатијата. Иницијативата на Меркел и на други Балканот да влезе во ЕУ беше добра идеја и сѐ уште е добра идеја, но самата нефункционалност на ЕУ, на системот на вето и како форма на кочење на државите аспиранти се покажа како кочница за сите држави на Западен Балкан – вели тој.
Според него, доказ за тоа е особено политиката на проширување, која ние како држава ја почувствуваме со воведувањето на новата методологија
– Сметам дека Европејците сѐ уште недоволно го познаваат Балканот, но почнуваат да го запознаваат. Точно е дека сме поблиску до ЕУ, но пречките станаа многу повисоки. Така што исчекувајќи поголеми промени од страна на ЕУ, не верувам дека Словенија ќе ја избоксува оваа работа. Единствено можеме да се надеваме на француското претседателство, доколку Бугарија остане толку тврда – објаснува Ружин.
Посочува дека има еден општ бран на разочарување и тој бран веројатно ќе предизвика зголемување на евроскептицизмот во Западен Балкан.
ЕУ е на пат да ја прокоцка својата улога на ориентациска точка и перспектива за регионот
Според германската новинска агенција „Дојче веле“, билансот од Берлинскиот процес е слаб, доколку по седум години се очекуваа голем напредок и регионална соработка.
– Едвај и да има напредок во помирувањето и во меѓусебното политичко признавање. А сепак, има многу конкретни успеси во централните прашања, кои директно ги засегаат луѓето во овие земји и го трасираат патот на нормализирање во регионот: на пример, иницијативата што ги поврзува младите од регионот – РИКО, укинување на наплатата за роаминг од 1 јули и подготовките за создавање заеднички регионален пазар.
Според агенцијата, овој проект до 2024 година на Западен Балкан би требало да му ги овозможи четирите основни слободи врз кои е изградена ЕУ: слободен проток на луѓе, стока, услуги и капитал.
– Тоа е перспектива што можеби е пореална отколку интеграцијата на регионот во ЕУ. ЕУ е на пат да ја прокоцка својата улога на ориентациска точка и перспектива за регионот. Избледи ветувањето од Солун. Неодамна, за време на набавката на вакцини, овие земји се чувствуваа оставени на цедило. Други играчи се пред вратите: Турција, Русија, Кина, но и САД – посочува агенцијата.
Берлинскиот процес би можел да биде блескав светилник
Сѐ додека ЕУ самата го попречува патот на проширувањето на Западен Балкан преку блокадите на одделни членки, иницијативите од Берлинскиот процес ќе бидат поважни од кога било.
– Тие на неможноста да се постигне голем политички напредок на ниво на ЕУ ѝ спротивставуваат политика на мали чекори. Мали чекори на вистинскиот пат на поблиска регионална соработка, која на долг рок создава олеснувања во секојдневниот живот и нормалност во мирно соседство, таму каде што досега доминираа националистички раздвојувања – пишува агенцијата.
Оттаму сметаат и дека додека сјајот на ЕУ е сѐ послаб на Западен Балкан, ангажманот на одделни држави во ЕУ и институции што се вклучени во Берлинскиот процес би можел да биде блескав светилник.
– Сите партии што имаат кандидати во трката за наследник на Ангела Меркел официјално го поддржуваат интеграцискиот процес на Западен Балкан. Но потребно е повеќе за да се надмине разочарувањето во регионот. Меркел тука со трезвен прагматизам започна формат на кој под идната германска влада ќе му бидат потребни продолжение, обнова и зајакнување. Тој го заслужува тоа – заклучува германската агенција.