Финалето е в недела (од два часот наутро), на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, а на мечот за бронзениот медал еден ден претходно ќе играат Колумбија и Перу
ФУДБАЛ – КОПА АМЕРИКА
Аргентина со Лионел Меси против Бразил на Нејмар ќе играат во финалето на Копа Америка, в недела (два часот наутро), на историскиот фудбалски стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро. Аргентина ја совлада Колумбија во второто полуфинале, на пенали со 3-2, откако натпреварот по 90 минути игра заврши без победник, 1-1. Во првото полуфинале, Бразил беше подобар од Перу, со 1-0. Голманот Емилијано Мартинез беше херојот на Аргентина, со одбранетите три пенали.
– Пресреќен сум, немам зборови. Решаваа пеналите, тоа е прашање на среќа, сега мене ми беше редот за слава. Бразил е одличен тим, фаворит е во финалето. Но го имаме најдобриот играч на светот, имаме одличен тренер и ќе се обидеме да го освоиме пехарот – изјави Мартинез.
Аргентина нема голема титула од 1993 година кога триумфира на Копа Америка. И тогаш ја елиминира Колумбија во полуфиналето, на пенали, 6-5. Меси ја забележа петтата асистенција на турнирот, а постигна и четири гола.
– Знам дека Нејмар изјави оти сака да се сретнеме во финалето, бидејќи сме пријатели. Сигурно ќе биде многу напнато и тешко. Ние целиме високо. Успеавме да ја оствариме првата цел, да играме во финалето, сега целта е триумф на Копа – изјави Меси.
Аргентина е без пораз на 19 натпревари по ред, а последниот го претрпи од Бразил во полуфиналето на првенството на Јужна Америка во 2019 година. Аргентинците, пак, се и последни што го победија Бразил, во ноември 2019 година кога Меси го постигна единствениот гол на пријателскиот натпревар во Саудиска Арабија. Оттогаш Бразил е во серија од 12 победи и едно реми.
Утре во мечот за третото место ќе играат Перу и Колумбија.