Пописот наближува, неопходно што побрзо решавање на отворените (технички) прашања
Конкурсот за избор на нови попишувачи ќе биде распишан дури во втората половина на јули, а изборот на попишувачи би требало да следува на почетокот на август. Според тоа, произлегува дека август е последната шанса во еден месец да се вакцинираат сите попишувачи, но со оглед на периодот на годишни одмори и празници, тоа ќе биде тешко остварливо
Одржувањето на пописот во септември повторно може да биде ставено под прашалник, откако Државниот завод за статистика потврди дека е можно да не успее во предвидениот рок да се обезбеди вакцинација на попишувачите.
Токму вакцинацијата на попишувачите беше главниот услов што го постави опозицијата за да не ја бојкотира статистичката операција и од тие причини побара одложување на пописот за септември, што беше прифатено од премиерот Заев на средбата со опозицискиот лидер Мицкоски.
Сега на нешто повеќе од два месеца до пописот се добива впечаток како подготовките да тапкаат во место. Конкурсот за избор на нови попишувачи ќе биде распишан дури во втората половина на јули, а изборот на попишувачи би требало да следува на почетокот на август. Според тоа, произлегува дека август е последната шанса во еден месец да се изберат, обучат и вакцинираат сите попишувачи, но со оглед на периодот на годишни одмори и празници, тоа ќе биде тешко остварливо.
– Во втората половина на јули ќе биде распишан нов конкурс за ангажирање реонски инструктори и реонски попишувачи. Изборот ќе се врши на почетокот на август. Не се планира посебна имунизација на попишувачите, со оглед на тоа што одлуката за вакцинација против ковид-19 е доброволна. Ние може само да препорачаме сите што сакаат да учествуваат во пописните активности да се вакцинираат – велат од Државниот завод за статистика.
Во моментот во земјава масовното вакцинирање се одвива според темпото што го диктираат расположливите количества вакцини, кои не се во голем број. Сепак, според најавите на надлежните, во Македонија во следниот период се очекува да пристигне поголемо количество од кинеските вакцини од производителот „Синовак“, со кое се очекува забрзување на имунизацијата. Временскиот период од првата до втората доза на оваа вакцина е три недели. Со вакцината „Синофарм“ периодот меѓу двете дози изнесува од две до четири недели, додека временски период од три недели од првата до втората доза е потребен и за руската „Спутник V“ и за „Фајзер/Бионтек“. Тоа значи дека периодот за вакцинирање на попишувачите е исклучително тесен, односно речиси близу невозможен.
Дополнителен проблем може да биде фактот што некои од попишувачите што ќе бидат избрани на конкурсот можеби нема да сакаат да се вакцинираат, а ДЗС нема право да ги условува со задолжителна вакцинација.
– Веќе три месеци поминуваат како е одложен пописот, а во меѓувреме не гледам некои преземени активности од страна на ДЗС, во однос на она што беше дискутабилно, вклучувајќи ја и вакцинацијата на попишувачите, како и во однос на предлозите и размислувањата за да се дојде до консензус за спроведување на пописот. Лично имам впечаток дека активностите се некако замрзнати – смета Дончо Герасимовски, поранешен директор на ДЗС и добар познавач на пописната проблематика.
Според него, сите отворени прашања изминатиот период останаа и затоа под прашалник е дали воопшто ќе се одржи пописот во септември.
– Она што и тогаш го кажуваа граѓаните беше дека нема да примат во домовите попишувачи што не се вакцинирани. Сега е прашањето колку од тие да речеме 5.000 учесници во пописот ќе бидат вакцинирани? Имаме отворени прашања што три-четири месеци се во мирување и малку е нонсенс кога ќе дојде 15-20 август, односно пет дена пред пописот тогаш да бидеме актуелни. Не случајно се носат сите препораки заради подготовка на попис пет години порано. Ние пет месеци пред пописот не работиме активно како што треба, туку работиме ад хок – предупредува Герасимовски.
Тој додава дека активностите во врска со пописот не требаше да запрат, туку да продолжат од април наваму без прекин.
– Во август се празници, луѓето се на годишни одмори, така што во август е невозможно да се постигне имунизација на попишувачите. Сега сите согледувања и анализи наведуваат дека во вакви услови уште сега може да се констатира дека во септември тешко ќе се спроведе попис, тоа е факт бидејќи не можете ако немате континуитет во работата да бидете подготвени за десет дена. Се наметнува и дилемата дали ќе се бараат сертификати за извршена вакцинација на попишувачите, дали повторно граѓаните ќе одбиваат да примат невакцинирани попишувачи, така што кога не се решени овие прашања, буквално ништо не сме решиле. Навременото вршење на постапките е клучно за успешен попис, сè што е задоцнето, макар и од еден ден, некогаш може да биде многу битно – констатира Герасимовски.