Ако е нешто заедничко, тогаш не припаѓа само на едниот од двајцата, реагира академик Катица Ќулакова по најновите изјави на дел од бугарските политичари, кои велат дека „Македонија е бугарска“.
Очекува македонската држава, но и меѓународната заедница да го осудат слоганот „Македонија е бугарска“, прогласен за официјална стратегиска цел на Бугарија, што претставува и закана по мирот.
– Ако е нешто заедничко, тогаш не припаѓа само на едниот од двајцата. Таквото присвојување е извор на негација на инхерентните и суверени права на другиот, другото лице на хегемонизмот и шовинизмот. Таквата историска свест е заслепена, пристрасна, примитивна, фрустрирана, конфликтна и опасна. Слоганот „Македонија е бугарска“, прогласен за официјална стратегиска цел на Бугарија, е закана по мирот.
Македонската држава и меѓународната заедница, посебно ЕУ, треба да го осудат овој освојувачки политички дискурс без одлагање. Сенките на злото се надвиснале над Македонија, а таа молчи и трпи во име на апстракции, лажни ветувања и заблуди. Време на големи манипулации, време на нови трагедии – пишува академик Ќулавкова.