Кај нас политиката побрза овој документ да го толкува според своите желби. Па, така, власта побрза да го толкува како ветар во грб за исправноста на нејзините политики на надворешнополитички план, премолчувајќи ја борбата со корупцијата во која длабоко е загазена. Сепак, би ја посоветувал власта убаво да си ја препрочита извршната наредба, зашто многу лесно може да стане сериозна пречка за политичката и економската корупција што ја генерира во Македонија
Проф. Звонимир Јанкулоски
Претседателот Бајден потпиша извршна наредба за понатамошно решавање на тековната национална вонредна состојба прогласена во извршната наредба (Е.О.) 13219 од 26 јуни 2001 година и продолжена во Е.О. 13304 од 28 мај 2003 година, поврзана со Западен Балкан. Новата извршна наредба обезбедува дополнителни можности за санкции, вклучувајќи и за таргетирања лица што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан, како и оние што се одговорни или се соучесници во, или кои директно или индиректно се занимаваат со злоупотреба на човековите права на Западен Балкан. Претседателот на САД со новата извршна наредба ги проширува критериумите за справување со предизвиците, како што се корупцијата и другите активности што ги попречуваат клучните институции и меѓународните договори.
Надминувајќи ги едноставните географски промени утврдени во оваа наредба, на ум ми доаѓаат две објаснувања за нејзиното издавање. Првото е да се обезбедат модернизирана правна рамка и соодветни алатки за проширено вклучување и ангажман на САД во Западен Балкан, како што побараа земјите од регионот и ЕУ.
Фокусот на антикорупција во Вашингтон го прави овој документ едноставна кодификација на значајната антикорупциска активност што веќе е во тек и им овозможува на САД да преземат агресивни санкции брзо, како што видовме неодамна во Албанија и во Бугарија. Очигледно корупцијата каде било е метастаза што ги напаѓа надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на Соединетите Американски Држави и на нивните партнери и сојузници. За САД е повеќе од јасно дека корупцијата им служи на интересите на малкумина за остварување на нивните лични лукративни цели, а не за интересите на една земја или нејзините граѓани, го забавува економскиот раст, генерира организиран криминал и ја поткопува довербата во демократските процеси. Токму корупцијата е во фокусот на овој документ зашто ја загадува демократијата на Западен Балкан и го спречува напредокот кон ефективно и одговорно управување и неговата целосна интеграција во трансатлантските институции. Тука би ја побарал клучната цел на документот: да оневозможи поединци да го искористат слабото владеење на правото и да профитираат од системската корупција на сметка на обичните граѓани. Можеби за оваа власт корупцијата е само перцепција и декларативна заложба, но очигледно тоа не е и за САД.
Второто објаснување за издавањето на овој документ се однесува на бетонирање на наследството што службениците во Бирото за Европа и Евроазија во Стејт департментот сакаат да го остават зад себе пред да ротираат на нови задачи. Тука мислам на помошник-секретарот Филип Рикер и заменик-помошникот секретар и специјален пратеник за Балканот Метју Палмер, кои го преживеаја мандатот на претседателот Трамп и се очекува да продолжат на други функции во блиска иднина. Фактот дека во извршната наредба е вклучен Договорот од Преспа укажува на тоа дека помошник-секретарот Рикер длабоко инвестирал во овој проект од 2017 година, и одиграл клучна улога во неговото драфтирање. Сега Вашингтон има алатки за да ги дисциплинира сите оние низ Западен Балкан што може да го оспорат договорот што Вашингтон има намера да го брани енергично. Што не може да се каже за Договорот за добрососедство со Бугарија, каде што всушност може да се видат вистинските капацитети на нашата дипломатија. Кога е оставена без поддршка, сама на себе.
Кај нас политиката побрза овој документ да го толкува според своите желби. Па така власта побрза да го толкува како ветар во грб за исправноста на нејзините политики на надворешнополитички план, премолчувајќи ја борбата со корупцијата во која длабоко е загазена. Сепак, би ја посоветувал власта убаво да си ја препрочита извршната наредба, зашто многу лесно може да стане сериозна пречка за политичката и економската корупција што ја генерира во Македонија. И како по обичај, овој документ ги разбуди малите диктаторчиња во ликот на „прозападните“ агитропи на власта, кои побрзаа да ја „ажурираат“ новата листа лица евентуално подложни на санкции на САД затоа што се противат на Преспанскиот договор. Ниту збор за корупцијата. Нивниот заробен ум во времето на едноумието побрза да ја санкционира слободата на изразување, толкувајќи ја извршната наредба според нивните первертирани сфаќања на слободата генерално. Интелектуално стерилни како што ги дал господ и патетични во својата безидејност и сервилност се обидуваат да создадат догма околу непроменливоста и можноста Преспанскиот договор да биде предмет на евентуални критики. Пу, пу скраја да е. Зарем македонските современи инквизитори стварно можеа да помислат дека претседателот на САД ќе го загрози првиот амандман на Уставот на државата што ја гарантира слободата на изразување со забрана на Конгресот да го ограничи печатот или правата на поединците да зборуваат слободно?
Мислат дека Уставот на САД е „пиши бриши“ Уставот на Македонија? Очигледно за демократијата на САД не напреднале повеќе од вечерните „политички курсеви“ во комунизмот, инаку ќе знаеја дека за Американците слободата, особено слободата на говорот е најценетиот основачки принцип на идентитетот на нацијата. А што друго може да очекуваш од травестирани бивши комунистички апаратчици. Сепак, ги разбирам. Се работи за луѓе што глупоста и сервилноста не ги доживуваат како личен хендикеп. Несреќа е што ние мора да живееме со таквиот нивен хендикеп.
За нивна голема жал санкциите од извршната наредба не се за слободно изразена мисла, туку за лица чии активности го дестабилизираат регионот на Западен Балкан со поткопување на демократските институции и владеењето на правото или со кршење на човековите права. Баш се прашувам кои се тие лица?