Дали нордистанските вувузели сонуваат мистични пици?

Една работа не варам. А Македонија е дел од меѓународен спортски настан, веднаш, во прв план, се топори нордистанската интелектуална бижутерија. Ќе си рече наивен човек, е добро де, љубители се на спорт. Граѓанството луѓенца? Ма, јок! Во спорт се разбираат колку јас во нуклеарна физика. Да беа зависници од спорт ќе ги имаше постојано нивните коментари за сенешто. Лига на шампиони, НБА, Формула 1, Копа Америка. Овие се јавуваат само кога македонската репрезентација (или Вардар во ракомет) ќе се пласира на голем меѓународен турнир.

Сега имаме Европско првенство во фудбал. Она ланското, откажаното. За среќа, на нас зависниците, сепак се врти… бубамарата. И нормално, веднаш се истопори интелектуална бижутерија. Окупираа социјални мрежи. Нивната хистерија вообичаено е неподносливо здодевна. И што мислите, ја коментираат стратегијата на Мрме? Прават компаративна анализа околу смената на генерации зад која стојат Манчини и Енрике? Анализираат како Саутгејт ги комбинира искуството и младоста? Манчини, Енрике, Саутгејт? Да бе, кој не знае за нив? Манчини ја напиша музиката за Пинк Пантер, Енрике е син на Хулио, а Саутгејт е… Саутгејт е… чекај, не поминаа Денерис и Џон Сноу низ Саутгејт на пат кон Вестерос?

А Јоаким Леф?

Па нормално Јоаким е лев, сигурно не е десничар. А кој Јоаким?
Нордистанската интелектуална бижутерија не сака спорт. Нивните коментари за време на спортски настани каде што има македонска репрезентација или клуб, немаат допирна точка со спорт. На бижутеријата сенешто ѝ пречи. Како се навива, што се пее, зошто се игра оро, пак ли се споменува солунско поле, зошто „Бисер балкански“ и купишта други 1.000 зошто, 1.000 затоа што сте „фрустрирана интелектуална бижутерија“, прашања. Им пречат македонските коментатори, па зошто имало знамиња со сонце на авионот, како тоа се скандира „Никогаш северна, само Македонија“. Само што не пратиле барање до Бајден да ги стави на црна листа сите македонски навивачи.

И што да прави човек со неподносливата леснотија на хистеричната празнотија? Нормален свет ги игнорира. Ама јас не сум нормален свет. Јас би да ги носиме на секој настан каде што учествува македонска репрезентација или клуб. Може да ги користиме како реквизити. Гласни се и неподносливи. Бижутеријата ќе ја ребрендираме во интелектуална вувузела.

Океј, фудбал. Кога има голем фудбалски настан, мојот ум најчесто се тркала. Понекогаш се заборава во офсајд. Оди во аут (оф мајнд). Правам жив ѕид за непотребни споредни нешта. Глупи информации праќам под облаци како Рамос што изведува пенал. Ако некој ми спомене датум за преговори, паѓам на земја, се тркалам врескајќи како да ме колат, па рипам сосема здрав барајќи црвен картон за соговорникот. Главниот лик во романот „Милан – Ливерпул 3:3“ што во моментов го пишувам, вели дека животот трае 90 минути. Затоа кога има светско или европско во фудбал, јас се исклучувам. За мене фудбалот е уметност. Дури страшни сцени како онаа со Кристијан Ериксен кај мене ја засилуваат љубовта кон оваа игра. Вистина, за оние десетина минути бев во шок, го исплакав данскиот креатор, загубив желба за секаква форма на комуникација и повторно плачев кога разбрав дека е надвор од животна опасност, оти ми олесна. Ама па, и такви немили сцени кај мене ја засилуваат љубовта кон фудбалот. Знаете зошто? О, капетане, мој капетане, пее Волт Витман.

Присебноста на капитенот Кјаер, брзата реакција на судијата Тејлор, смиреноста и стручноста на медицинскиот тим без чија професионалност Ериксен веројатно немаше да биде жив, љубовта на соиграчите исцртана врз солзите на нивните лица, кругот што го направија околу својот другар, стравот и загриженоста кај противничките играчи и на крајот публиката, нивната искрена вознемиреност и она „Кристијан!“ грмнаа Финците, па „Ериксен!“, вратија Данците, како поддршка за животниот натпревар во кој се најде ѕвездата на Интер, сето тоа за мене е вистинското лице на фудбалот. Тим, солидарност, единство, љубов, но и загриженост, страв, вознемиреност кога ближниот е во опасност, ете тоа е фудбалот… држава во која секогаш барам азил бегајќи од неподносливата ароганција на изопачената моќ поттикната од лицемерната послушност на среќните робови.

Што убаво е човек кога ќе си потроши колумна на фудбал. Макар и со хистеричното ехо на интелектуалните вувузели. Ама ете, во светот се случувале и споредни политички будалаштини. Макрон јадеше жестока шлаканица. На отворена сцена, како што велат спортските коментатори. И што се случи со типот што му залепи воспитна на францускиот претседател? Го осудија четири месец затвор. Па не е Макрон, Рада од Нордистан. Во ќенефот на НАТО, добиваш четири години затвор заради терористичко загрозување врз креативните испади на фризерот на Рада. Така судат нордистанските судии, кои никој не може да ги поткупи, затоа што многу е поедноставно да ги купи. Тоа е разликата меѓу Франција и ќенефот на „длабоката држава“. Со Шведска е малку подрастично. Тоа што во ќенефот на Кале е терористичко загрозување на Уставот, за шведскиот суд е обичен бунт, а обвинението и пресудата на „непоткупливите“ ги сметаат за политички монтиран процес. Ама па, „длабоката држава“ не сака својот ќенеф кога ќе порасне да стане Шведска, туку гулаг.

Се сретнаа Путин и Бајден. Во Женева. Но ден-два пред средбата, новинар го праша Џо, дали Владимир е убиец. Претседателот што го укина првиот амандман со своите црни листи, тргна да одговара. Наеднаш застана. Во мислите отрча во пицерија, нарача „Американска пица 3“, се скара со нордистанска интелектуална вувузела што чекаше со него во ред околу тоа како правилно се изговара, Саутгејт или „пицагејт“, излезе од пицерија и се сети дека пред многу години, во кино, на филмот „Мистична пица“ со Џулија Робертс за малку не се степа со некој Зоќи фром Роџермуртино, кој му ја фати девојката за цицка правдајќи се дека тоа му е прва цицка што ја фатил, но му текна дека е на прес, па го грабна моторчето за пица-диливери и се врати назад во своите мисли за да одговори на прашањето. Ама дури беше отсутен во мислите, го заборави прашањето, па промрморе дека таму долу, кај онаа светла точка нешто вибрира околу нормите на тоа што преѓеска беше тука, а сега не е.

И што ни порачаа Џо и Вова од средбата? Дека не се пријатели, ама не се мразат. Малку нè лажеа дека ќе намалат со нуклеарките. И потоа заглавија кај Навални како најважно прашање за иднината на планетата и смислата на животот. Јас стварно не ги разбирам Русите. Ако Бајден му подари кристален бизон на Путин, овој можеше да му го подари Навални сосе целото негово движење. Да си го носат во Пиндостан и таму да го устоличат како политички субјект. И онака капацитетите на ККК одамна се ослабени.