Имаме нови земји-членки од тој регион во последните неколку години, со тоа докажавме дека вратата на НАТО е отворена. Македонија и Црна Гора се нови земји-членки, присутни сме и продолжуваме да помагаме да го стабилизираме регионот, кажа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, зборувајќи за Балканот во интервју посветено на иднината на НАТО во наредните 10 години.
Во пресрет на денешниот самит на НАТО, Столтенберг се осврна на клучните теми за кои ќе дискутираат лидерите на земјите-членки. Ова прв самит на НАТО на кој Македонија учествува како полноправна членка на Алијансата, како и прв за новиот американски претседател Џо Бајден. Македонската делегација ја предводи премиерот Зоран Заев.
НАТО мора да одговори на економскиот, политичкиот и на воениот подем на Кина
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Западниот сојуз мора да одговори на економскиот, политичкиот и воениот подем на Кина. Според него, последната најава од самитот на НАТО ќе ја зацементира новата стратегија кон Пекинг.
– Кина ни се приближува. Ги гледаме во сајбер просторот, ја гледаме Кина во Африка, но исто така ја гледаме Кина како многу инвестира во нашата клучна инфраструктура. Знаеме дека Кина не ги споделува нашите вредности. Ние мора да одговориме заедно како сојуз – изјави Столтенберг пред новинарите во седиштето на НАТО, пред доаѓањето на лидерите на самитот, додавајќи дека Кина „не е непријател или противник”.
Столтенберг рече дека односите меѓу Алијансата и Русија се влошуваат, но дека дијалогот ќе продолжи.
Генералниот секретар на НАТО додаде дека главна тема на самитот ќе биде Русија и претстојната средба на претседателите на САД и Русија, Џозеф Бајден и Владимир Путин.