По фазата на чистење на овој простор, фазата на уредување на оваа локација ќе биде во фокусот на Град Скопје. Токму таму се планираат голем број содржини и активности, пред сѐ воведување организирано паркирање, за опслужување на посетителите на Градскиот парк, зоолошката градина и новиот забавен парк. Дополнително, во план е и изградба на уште една памп трак-патека за велосипеди, скејт-парк и други спортски содржини, информираат градските власти
ЗБОГАТУВАЊЕТО НА СОДРЖИНИТЕ ВО ПАРКОТ БАРА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПАРКИНГ-КАПАЦИТЕТИТЕ
Градскиот парк е една од најпосетените локации во Скопје, покрај Водно, Матка и кејот на реката Вардар. За скопјани овие неколку локации се места за рекреација, каде што, освен прошетки, времето го минуваат во спортување, возење велосипеди, пешачење и минување квалитетно време со своето семејство и пријатели.
Сепак, овие локации, поради посетеноста, која е сѐ поголема, бараат постојано надградување и усовршување, бидејќи потребата за нив рапидно расте во изминатите неколку години.
НАЕЗДА НА ВОЗИЛА
Една од најпосетените локации во метрополата е Градскиот парк, каде што се лоцирани огромен број содржини за сите возрасти. Покрај кафеаните и кафулињата, каде што посетителите може да имаат семеен ручек и да одморат пиејќи кафе, тука се зоолошката градина, Дино-паркот, а поставени се и лулашки за најмладите посетители на паркот.
Сепак, со зголемувањето на содржините, евидентно е дека просторот наменет за паркирање возила не одговара на потребите на посетителите, бидејќи буквално се бара паркинг-место повеќе за возилата. Дури и просторот пред седиштето на градската администрација е преполн и се создаваат огромен метеж и сообраќаен хаос. Најголем проблем се случува токму за викендите, кога бројот на посетители двојно се зголемува.
– Во неколку наврати дојдовме да го посетиме Дино-паркот, но не успеавме да најдеме паркинг-место. Буквално моравме да чекаме некое да се ослободи, за да можеме да го паркираме автомобилот. Полесно е да се дојде со автобус, но поради коронавирусот и поради фактот што сум со две мали деца, не е можно да го користам јавниот превоз – вели Елена Ристовска.
ОБЕЗБЕДЕНО МЕСТО ЗА ПАРКИНГ НА ВОЗИЛАТА, ПРЕД СЀ
Токму поради тие причини, градскиот татко Петре Шилегов, на неодамнешното одбележување на Меѓународниот ден на животната средина, најави дека просторот под Скопското кале, кој порано се користеше како полигон и каде што во неделите беше сместен дивиот пазар, а сега се користи како див полигон, конечно ќе биде преуреден и наменет главно за паркирање на возилата упатени кон Градскиот парк.
Според Шилегов, оваа локација во период од три години била предмет на анализа, која градот ја правел со УНДП. Како што најави тој, оваа локација ќе се уреди, односно ќе се воведе организирано паркирање, а ќе бидат направени игралишта за кошарка, како и памп трак-полигон.
Од градот информираат дека минатиот викенд почнале акција за расчистување на поранешниот полигон за обука на возачи под Кале.
– По чистењето на овој простор, уредувањето на оваа локација ќе биде во фокусот на Град Скопје, каде што се планираат голем број содржини и активности, пред сѐ воведување организирано паркирање, за опслужување на посетителите на Градскиот парк, зоолошката градина и новиот забавен парк. Дополнително, во план е и изградба на уште една памп трак-патека за велосипеди, скејт-парк и други спортски содржини – информираат градските власти.