ПО 20 ГОДИНИ ЗАСТОЈ

Со пристигнувањето на авионот на „Нордвинд“, вчера попладне на меѓународниот аеродром во Скопје, и официјално требаше да биде означено воспоставувањето на директната авиолинија Москва – Скопје.
Првиот лет на руската авиокомпанија „Нордвинд“ од Москва во Скопје требаше да пристигне вчера во 17.10 часот.
Беше најавено дека отворањето на директната авиолинија ќе го одбележат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин, и генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Метин Батак, со изјави за медиумите по пристигнувањето на авионот.
Воспоставувањето на директната линија Скопје – Москва првично беше најавено за 21 мај 2021, но „Нордвинд“ го одложи поради, како што соопшти, епидемиолошката состојба.
Новата редовна директна авиолинија меѓу Москва и Скопје, според најавите на „Нордвинд“, треба да се одвива еднаш неделно, секој петок попладне, со време на поаѓање од меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во 14.45 часот и време на пристигнување на меѓународниот аеродром „Скопје“ во 17.10 часот. Со неа практично, по 20 години пауза, повторно се отвора воздушната врска меѓу двете земји. Е.Р.