Кошарка – НБА, плејоф
Кошаркарите на Феникс стигнаа до четвртата победа во плејоф-серијата во НБА-лигата, откако на гости во „Стејплс центарот“ го победија со 113-100 актуелниот шампион Лос Анџелес Лејкерс и за првпат во својата кариера Леброн Џејмс е елиминиран уште во првото плејоф-коло. Присилното напуштање на Ентони Дејвис во шестата минута поради повреда, се чини, покрај играчкиот, имаше и голем психолошки ефект врз поразениот тим. Феникс играше одлично, а каква шутерска вечер имаше најдобро покажува фактот дека клубот го собори рекордот на лигата според бројот на постигнати тројки во плејофот (18), а најмногу благодарение на Девин Букер. Имено, тој имаше шут од игра, со речиси 70 отстотен успех (15-22), додека погоди осум од 10-те удари за три поени. Букер го заврши мечот со 47 коша, 11 скока и три асистенции, со што стана само вториот играч на Феникс со минимални 45 поени и 10 скока, по легендарниот Чарлс Баркли, кој успеа да го стори тоа во два наврата.
Кај поразените, Леброн Џејмс натпреварот го заврши со 29 поени, девет скока и седум асистенции. Сега Феникс го очекува дуелот со Денвер во полуфиналето на Западната конференција, кој, пак, со идентични 4-2 во серија го совлада Портланд, откако шестиот натпревар го доби со 126-115.