Влегуваме во шестиот месец од втората пандемиска година и речиси 15 месеци како секторот за организација на настани е оневозможен да работи, реагираат од Асоцијацијата на ивент индустријата. Од таму објаснуваат дека реалната ситуација во оваа индустрија е многу полоша од она што предходно го најавуваше Владата.
– На 12 април Владата објави 2 милиона евра помош за ивент индустријата, досега се исплатени 0 денари. На 21 април беше објавен Јавен повик за организирање на настани, за жал резултати нема, а помош 0 денари. Рокот кој ние како компании го добивме за подготовка на проектите беше пократок од оној кој Владата си го додели за евалуација на истите. На 12 мај Владата објави Јавен повик за еднократна помош за операторите од ивент индустријата, но резултати нема а исплатена е помош од 0 денари. Сеуште немаме информација за бескаматните кредити кои исто така беа понудени како можна помош – потенцираат од овој сектор.
Додаваат дека единствена помош што ја добиле била онаа наменета за целото стопанство.
– Дел од насможеа да искористат помош за исплата на плати (8 плати за вкупно 15 месеци), но како да ги подмириме кредитите, режиските и останатите трошоци? Од каде плати за останатите 7 месеци без помош? Како да го изведеме ова по 15 месеци неработење? Ги прашуваме претставниците на Владата дали мислат дека сме алхемичари? Дали некогаш се запрашаа како преживуваат нашите компании? И покрај тоа што од првиот ден на пандемијата укажувавме дека ќе дојдеме до оваа состојба, никој не сакаше да не слушне. За целиот овој период покажавме конструктивност и кооперативност, предлагавме мерки и модели, но за жал резултатот е дека нема помош – велат од Асоцијацијата.
Тие потсетуваат дека за разлика од останатите дејности во стопанството, вклучувајќи го и угостителството за кое како што велат уште од првиот ден на релаксирање на мерките, работи, јавноста е сведок дека нема настани, нема концерти, а со тоа нема ниту работа за луѓето во овој сектор.
– Вистина е дека институциите навремено и ажурно се сеќаваат на нас, но само кога ќе треба да ни пратат опомена за плаќање на даноци, да ни блокираат сметки за неисплатени плати, и за подмирување на сите останати обврски – додаваат од секторот за организација на настани.
Од ивент индустријата бараат Владата итно и без одлагање да ги реализира мерките кои им ги понуди како помош.