Според пишувањата на европските медиуми, релациите меѓу САД и Европа се во надолна линија, а сето тоа е резултат на разузнавачкиот скандал во кој американските тајни служби, со помош на данската разузнавачка служба, ги прислушувале европските политичари, меѓу кои и Ангела Меркел

Не стивнуваат реакциите по американското шпионирање на европските лидери

Не стивнуваат реакциите во европската јавност откако европските информативни агенции соопштија дека Американската националната агенција за безбедност (НСА), со помош на данската разузнавачка служба ФЕ, шпионирала високи европски политичари, меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел. Прв што реагираше на објавените податоци за наводно следење на европските политичари беше францускиот претседател Емануел Макрон, кој во изјава за француските медиуми вчера спомена дека владите на САД и на Данска треба да дадат објаснувања во врска со обвинувањата за шпионажа од страна на Вашингтон кон европските сојузници со помош на Копенхаген.
– Ова не е прифатливо меѓу сојузниците, а уште помалку меѓу сојузниците и европските партнери – истакна Макрон, а Меркел додаде дека се согласува со коментарите на францускиот лидер.
Во исто време, министерката за одбрана на Данска, Трине Брамсен, се надоврза на изјавите на европските челници за случајот со шпионирањето.
– Систематското прислушување на блиските сојузници е неприфатливо – изјави за ДПА министерката за одбрана на Данска, Брамсен.
Паралелно со ова, портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт, во Берлин изјави дека германските власти се во контакт со сите релевантни национални и меѓународни тела за расветлување на случајот и се чека одговор за наводното шпионирање на европските политичари со данска помош.

Бран оставки во данската тајна служба

Во меѓувреме, како што пренесува германски „Дојче веле“, според извори од данската тајна служба, американската НСА и данската ФЕ за набљудување го користеле софтверот за шпионирање „Кејскор“. Оваа програма во минатото, според медиумот, била користена од страна на НСА и пријателски тајни служби, меѓу кои и германската БНД, за при одредено пребарување од голем обем на податоци да се филтрираат и анализираат на пример имејл-адреси или телефонски броеви. Според извештајот „Духамер“, кој се држи во тајност до денес, а во кој се истражува соработката помеѓу НСА и ФЕ во 2012 и 2014 година, цел на набљудување биле и цели во Данска. Според весникот, биле шпионирани цели во данските министерства за надворешни работи и за финансии, како и данска фирма за оружје. Данската тајна служба им помогнала на Американците за шпионирање на сопствената влада. Тоа, според данските закони, е забрането и откако беше обелоденето доведе до бран оставки.

Скандалот може да ги залади односите САД – ЕУ

Магазинот „Политико“ на оваа тема пишува дека две недели пред првата посета на американскиот претседател Џо Бајден на Европа, моментот е многу лош, а објавата дека данските државни тајни служби им помогнале на американските колеги да ги шпионираат европските лидери може да ги искомплицира односите со Европа. Според „Политико“, таквото известување ги потсети Европејците на 2013 година, кога Едвард Сноуден ги разоткри обемните американски програми за надзор, вклучувајќи го прислушувањето на мобилните телефони на шефовите на државите-сојузнички на САД, како и германската канцеларка Ангела Меркел. Тогашниот американски претседател Барак Обама имаше непријатни разговори со европските лидери за шпионирањето на сојузниците. Сега неговиот поранешен потпретседател ќе треба да ги увери Европејците во нивното сојузништво, кога ќе го посети Корнвол во Велика Британија за самитот на Г7 на 11 јуни.