ФУДБАЛ

Шест победи во седум
најголеми европски финалиња

Челси го освои трофејот во шест од седумте најголеми европски фудбалски финалиња во неговата историја, пишува „Би-би-си“ (по два триумфа од по две финалиња во Лига Европа и во некогашниот Куп на победниците на куповите и две победи во три финалиња на Лигата на шампионите). Челси е трета англиска екипа што ја освои двапати фудбалската Лига на шампионите откако тоа натпреварување се игра во ваков формат од 1992 година, по Ливерпул (2005 и 2019 година) и Манчестер јунајтед (1999 и 2008).


Серија успеси на германски тренери

Томас Тухел е третиот германски тренер што ја освоил фудбалската Лига на шампионите во претходните три сезони (претходно славеа Јирген Клоп со Ливерпул во 2019 година и Ханс Флик со Баерн во 2020 година). Тоа е првпат европската титула да ја освојуваат во три последователни години три различни менаџери од иста земја, по период од 1980 до 1982 година, кога трофеите ги освоија Брајан Клаф со Нотингем форест, Боб Пејсли со Ливерпул и Тони Бартон со Астон вила.


Челси ги освои по двапати сите три европски купа

Челси е еден од петте фудбалски клуба во Европа што ги освои сите три најголеми трофеи во куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА), во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ, порано со име Куп на УЕФА) и на некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК, пред дваесетина години се спои со Купот на УЕФА). На таа листа се и Јувентус, Ајакс, Манчестер јунајтед и Баерн. Челси со вториот триумф во ЛШ единствен има барем по два трофеја во секое од трите натпреварувања.


СКОШАРКА – ЖЕНИ

Баскет КАМ првпат стана шампион на Македонија

Екипата на Баскет КАМ е новиот кошаркарски шампион на Македонија во женска конкуренција, откако во финалната плејоф-серија славеше во дуелите со Бадел, со 3-1 во победи. Со овој успех кошаркарките од Македонска Каменица првпат станаа шампионки на Македонија, а претходно славеа и во домашниот куп „Благоја Георгиевски Буштур“. Анџелика Митрашиновиќ беше прогласена за најкорисна кошаркарка (МВП) во финалната серија, а на четвртиот дуел постигна 24 поени, девет скока и 10 асистенции. Г.И.

КОШАРКА – МАЖИ

МЗТ Скопје и Еуроникел во финалето

Кошаркарите на МЗТ Скопје и Еуроникел од среда ќе играат во финалето на плејофот во македонската Прва лига, откако ги добија на свој терен и вторите полуфинални дуели од плејофот. „Металците“, кои го победија Пелистер со 2-0 во победи во полуфиналето, досега имаат седум титули (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017 и 2019 година). МЗТ Скопје сезонава славеше и во домашниот куп „Благоја Георгиевски-Буштур“. Еуроникел, кој во полуфиналето го победи Работнички со 2-0 во победи, титулата првак на Македонија ја освојуваше трипати (во 2008, 2010 и во 2011 година). МЗТ Скопје и Еуроникел одиграа два натпревара во текот на сезонава, секој тим победи на гости. Г.И.