Дали постои длабока заднинска агенда, која всушност Брисел допрва треба да ја испитува, според која официјална Софија како тројански коњ, со своите ирационални, анахрони постапки спротивни на меѓународното право и демократските принципи и темели на Европската Унија, е „програмирана“ да ја разори Унијата одвнатре, одработувајќи за други геостратегиски сили?

Дали Бугарија одработува за други геополитички сили?

Дали е можно бугарските политики, односно (не)функционирањето на Бугарија на соодветно ниво како членка на ЕУ, нејзината хронична системска дисхармонија со европските принципи, тамошната политичка нестабилност и криза, високиот степен на криминал и институционална корупција, како и надворешна политика што е непрепознатлива за Унијата, заедно со флагрантно кршење на меѓународното право, особено за македонското прашање, да се кукавичиното јајце во гнездото во Брисел, кое ги девастира авторитетот и организмот на Унијата?
Уште повеќе, дали всушност постои длабока заднинска агенда, која Брисел допрва треба да ја испитува, според која официјална Софија како тројански коњ, со своите постапки е „програмирана“ да ја разори Унијата одвнатре, одработувајќи за други геостратегиски сили?

Уште повеќе, дали всушност постои длабока заднинска агенда, која Брисел допрва треба да ја испитува, според која официјална Софија како тројански коњ, со своите постапки е „програмирана“ да ја разори Унијата одвнатре, одработувајќи за други геостратегиски сили?
Ваквите прашања се логични по низата настани во тек, со кои официјална Софија ги компромитира заедничките европски политики, втемелени на демократските универзални принципи, прекршувајќи го и меѓународното јавно право. Според повеќе напи соговорници, аналитичари и експерти од повеќе области, „анахроните гнили политики на Софија полека но сигурно го зафаќаат здравото ткиво на Унијата, компромитирајќи ги здравјето и кондицијата на институциите на цела ЕУ“.
Соговорниците напоменуваат дека бугарските политики од гореспоменатиот контекст (ако бидат и понатаму толерирани од Брисел) дури „може да генерираат нестабилност и безбедносни жаришта во целиот регион“.

Подигнување на безбедносната култура во институциите

Ваквите и слични дилеми станаа актуелни во домашната јавност и почнаа во јавноста да се опсервираат од друг ракурс, откако Ерол Муслиу, првиот човек на македонската Агенција за разузнавање, коментирајќи ги меѓудржавните релации со Бугарија загатна и некои други интересни аспекти од поширок геополитички и геостратегиски интерес на поединци или политички структури.
– Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија од 2017 година е солидна основа за решавање на проблемот, со тоа што и ЕУ ќе треба да заземе проактивен став за неговото имплементирање. Но бидејќи прашање се однесува на стабилноста на регионот, а не само на РСМ, може да се констатира дека блокадата на европскиот пат на РСМ негативно ќе влијае врз регионот и ќе им се даде простор за дејствување на други геополитички сили, на кои порастот на евроскептицизмот поволно ќе им влијае врз реализирањето на нивните стратегиски цели – вели Муслиу.
Тој подвлeкувa дека е потребно во наредниот период, во соработка со другите чинители од областа на безбедноста, заеднички да влијаеме на подигнување на безбедносната култура во институциите и воопшто во нашето општество, за да станеме поотпорни на влијанијата што се дел од хибридните стратегии на геостратегиските актери.

Кој е загрозен, а кој ќе профитира од бугарските еквилибристики?

Во контекст на новоотворениот агол на гледање на работите и можната скриена агенда дека официјална Софија „одработува со умисла или од небрежност“ за други големи геостратегиски сили на сметка на стагнацијата и уназадувањето на ЕУ, дипломатите и универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека „сосема логичен играч во заднината може да бидат интересите на надворешни геополитички сили што не би сакале да го видат регионот инкорпориран во ЕУ“. Тие додаваат дека со продлабочувањето на македонско-бугарскиот спор и со одложувањето на проширувањето на Унијата, се овозможува други геополитички сили да профитираат од состојбите, со што Бугарија станува сѐ поочигледен „тројански коњ“ во Европа, кој овозможува продор на влијание на странски економски и политички центри на моќ.
Во својот осврт на случувањата, македонскиот дипломат Љупчо Арсовски вели дека, судејќи по актуелниот развој на настаните во спорот со Бугарија, но и по актуелниот развој на распределбата на политичките сили во соседната држава, сосема логичен заклучок би било дека постои можност соседната држава во проблемот со Македонија да дејствува под инструкции на моќни геополитички центри.
– Тамошниот претседател Румен Радев честопати е окарактеризиран како политичар што има блиски релации со Русија, па не би било изненадувачки ако низ неговата административна гарнитура во тамошното општество пенетрираат и одредени влијанија – вели тој.
Арсовски објаснува дека спорот со Бугарите и влијанието на геополитичките центри најдобро може да се објаснат преку француската народна поговорка, која вели дека политиката е како розата, таа и убаво мириса, но има и трње, кои можат да ве боцнат во секое време.

Универзитетскиот професор Оливер Андонов вели дека доколку научно се анализираат последните разврски на спорот со Бугарија, неминовно е да се заклучи дека службите на малите држави од регионот е можно да се под влијание на големите центри на моќ.
– Живеејќи во земји на Балканот, каде што институционалната моќ е мала, каде што корупцијата продира во секоја пора на општеството, каде што нефункционалноста на системот е голема, она што по дефиниција во науката може да се заклучи, а е неспорно, е фактот дека надворешни разузнавачи продреле во безбедносниот систем на Бугарија – вели професорот.
Тој објаснува дека моќта на големите служби е таква што тие во одреден момент во Бугарија можат во своите оперативни задачи да ги преточат во креирање клима за дејствување и политичка разврска на некој настан во правецот што ним им одговара.
– Овој заклучок е можно да се докаже ако се анализира импактот на разните нонпејпери што беа активни во Европа изминатиов период и ако по нив се оцени како реагирале бугарската држава и бугарската безбедносна служба – објаснува професорот.
Андонов вели дека со голема веројатност постои можност да има договор меѓу големите сили како малите држави во регионот да дејствуваат во одреден момент, меѓу кои се Бугарија и Македонија, за да ги исполнат нивните цели.
Геополитиката во светот во овој момент драстично се поместува, Русија и САД одлучија да немаат проблем околу северниот тек, а допрва ќе почувствуваме што ќе значи тоа за ЕУ и за државите од Балканот што се членки или кои сакаат да станат членки на Унијата.

[email protected]