Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска најави дополнително олеснување на мерките, доколку и во иднина продолжи трендот на намалување на бројот на заразени од коронa.
Филипче најави и организирање на свадби на отворен простор со сите здравствени протоколи, најверојатно од јуни.
– Многу е веројатно да се случи, ако продолжат овие трендови на намалување, но не можам да тврдам. Мислам дека маските треба да се носат и понатаму, сѐ уште е рано да се тргнат како мерка. Понатаму, угостителските објекти да продолжат да работат само надвор, не внатре. Да се дозволат свадби после долго време, со протоколи во однос на пополнетост на капацитет во надворешни услови и евентуално да се излезе во пресрет на барањето за зголемување на бројот на посетители по маса. Сите други протоколи во однос на организација на настани соодветно е да продолжат и понатаму – изјави министерот.