Турнирот треба да почне на 13 јуни, со мечот Аргентина – Чиле, на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес, а финалето е закажано за 10 јули, на стадионот „Метрополитен“ во Баранкилја

ФУДБАЛ

Аргентина е подготвена да биде домаќин на Копа Америка, фудбалскиот шампионат на Јужна Америка, потврди претседателот Алберто Фернандез, и покрај многуте проблеми во земјата предизвикани од пандемијата на ковид-19. Кодомаќин на финалниот турнир е Колумбија, која се наоѓа во деликатна политичка ситуација поради антивладините протести.
Турнирот треба да почне на 13 јуни, со мечот Аргентина – Чиле, на стадионот „Монументал“ на Ривер плата, во Буенос Аирес, а финалето е закажано за 10 јули, на стадионот „Метрополитен“ во Баранкилја, Колумбија.
– Бевме прашани и рековме „да“. Ова ќе биде Копа Америка за телевизијата, мора да се каже тоа. Под тие услови, подготвени сме да ја испочитуваме нашата обврска – изјави Фернандез за ТВ-каналот Ц5Н Аргентина.
Аргентина минува низ најлошата фаза од почетокот на пандемијата, со над 3,3 милиони инфицирани минатиот викенд. Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) почна со вакцинирање на фудбалерите за Копа Америка, благодарение на 50.000 дози донирани од кинеската државна фармацевтска компанија „Синовак“.
Натпреварите ќе се играат во аргентинските градови Кордоба, Сантијаго дел Естеро, Мендоза и во Буенос Аирес и во колумбиските Баранкилја, Меделин, Кали и Богота.