Крајниот рок за доставување на списоците со фудбалерите е 1 јуни. Селекторите на минатите четири европски првенства имаа на располагање по 23 играчи. Веќе е потврдено и правилото за пет замени на еден меч. Промената е направена за да се намалат напорите на играчите по згуснатиот календар во клупската сезона поради пандемијата на коронавирусот
Репрезентациите што ќе настапат на Европското првенство (ЕП) летово, меѓу кои и Македонија, во составите ќе можат да имаат 26 фудбалери, наместо вообичаените 23. Промената е направена за да се намалат напорите на играчите по згуснатиот календар во клупската сезона поради пандемијата на коронавирусот.
Одлуката што ја донесе комитетот на националните тимови на Европската фудбалска унија (УЕФА) треба формално да ја потврди Извршниот комитет (ИК), кој е одговорен за ратификувањето. Но не се очекува дека некој ќе се спротивстави на ваквата одлука.
Селекторите на минатите четири европски првенства (од 2004 до 2016 година) имаа на располагање по 23 играчи. Веќе е потврдено и правилото дека ќе бидат дозволени до пет замени на играчи во секоја селекција за време на еден натпревар.
Македонија е во групата Ц, во која прво треба да игра со Австрија на 13 јуни, потоа со Украина на 17 јуни во Букурешт, а потоа и со Холандија на 21 јуни во Амстердам.
Турнирот што требаше да се одржи минатото лето, но беше одложен поради пандемијата на ковид-19, треба да почне на 11 јуни, со првиот меч Италија – Турција во Рим, а треба да заврши на 11 јули, со финалето во Лондон.
Крајниот рок на селекторите за доставување на списоците со фудбалерите е 1 јуни.