Најбогатите луѓе на светот, Илон Маск и Џеф Безос, се искрени во нивните намери дека сакаат да ги колонизираат другите планети и општо, вселената. Но, додека тие целат кон вселената, покажуваат дека воопшто не им е грижа за нивните работници овде на Земјата, пишува Роберт Рајч во неговата колумна за „Њузвик“.
Маск вели дека „Спејс екс“ ќе ги прати првите луѓе на Марс до 2026 година, а сака да основа колонија до 2050 година. Неговата цел ќе биде обезбедувањето на долготраен опстанок за човечкиот вид надвор од Земјата. Безос исто така има за цел да изгради вонземски колонии. Додека нивните планови се остварат, двајцата најбогати луѓе на светот несоодветно ги третираат нивните работници овде на Земјата.
– Минатата пролет, Маск повторно ја отвори својата фабрика „Тесла“ во Фримонт, Калифорнија. Речиси веднаш, десет работници заболеа од коронавирусот. Додека бројот на заболени работници се зголемуваше, Маск отпушти дел од работниците кои земале неплатено отсуство. Седум месеци подоцна, заразени биле најмалку 450 работници на „Тесла“ – објаснува Рајч.
Јазот помеѓу извршнитe директори и просечните работници веќе е на рекордно високо ниво. Доколку Маск и Безос ги постигнат своите вонземски цели, повеќето од нивните работници нема да можат да избегаат во вселената, додека милијардерите веќе купуваат билети.
– Ниту вработените на Безос немаат подобри работни услови. Безос може да се пофали дека неговите работници заработуваат 15 долари на час, но тоа значи околу 31 илјада долари годишно за работник со полно работно време, што е помалку од половина од просечниот приход на едно семејството во САД. Тој исто така не нуди платено боледување, а отпушти најмалку двајца вработени кои јавно се жалеа на недостиг на заштитна опрема за време на пандемијата – додава Рајч.
Богатите секогаш наоѓале разни начини за бегство од опасностите во секојдневниот живот, било тоа да се утврдени замоци, јахти, или во големи луксузни вили далеку од обичниот човек. Некои од нив дури и изградија апокалиптични бункери за судниот ден во случај на нуклеарна војна.
– Благодарен сум им на Маск и на Безос за нивните производи и иновации. Но, посакувам тие да дадат подобар примери за заштита на работниците што ја вршат целата тешка работа. Доколку навистина се сериозни во врска со преживувањето на човечкиот вид, тие треба да постапат поодговорно кон работниците овде на Земјата – заклучува во неговата колумна Рајч.