Европската комисија не ги послушала предупредувањата
Белгија предвреме била предупредена дека договорот на Европската Унија со „Астра зенека“ не вклучува конкретни казни и последици доколку компанијата не ги испорача вакцините во предвидениот рок, се открива во документите на меѓународната консултантска компанија „Делоит“, пренесува „Политико“.
Документите добиени по барање на белгискиот магазин „Кнак“, покажуваат дека барем една држава од ЕУ имала сознанија оти договорот е „без заби“, пред да биде потпишан. Но Белгија не реагираше на предупредувањата бидејќи договорот веќе бил составен и било предоцна за да се направат измени.
– Според договорот, не се предвидени санкции доколку датумите и количините предвидени за испорака не се почитувани – се наведува во заклучокот на „Делоит“ од 17 август минатата година, донесен по разгледувањето на договорот помеѓу ЕУ и „Астра зенека“.
ЕУ се обидува да бара одговорност од „Астра зенека“ бидејќи компанијата досега испорачала само околу една третина од 300-те милиони дози вакцини првично ветени до јуни. Договорот се најде во центарот на тужбата со која Европската комисија тврди дека „Астра зенека“ не успеала да ги достави договорените дози до ЕУ.
Настанатата ситуација го покрена и прашањето во врска со наивноста на преговарачите на ЕУ кои го потпишале договорот. Во договорот стои дека Европската комисија (ЕК) не може да ја тужи „Астра зенека“ доколку не ги испорача вакцините на време. ЕК ќе бара токму оваа клаузула да се поништи пред белгискиот суд.
„Делоит“ им посочила на белгиските власти да потпишат засебен договор со „Астра зенека“, сличен на анекс на постоечкиот, со кој би можела да се бара одговорност од компанијата доколку не успее да ја испочитува испораката на вакцини или има проблеми со нивниот квалитет. Но, претставникот на Белгија во ЕУ, Ксавиер де Кујпер, не им укажал на останатите земји-членки за ова прашање, бидејќи сметал дека мислењето стигнало доцна, и оти содржината на договорот не можела да се смени.
Покрај загриженоста за отсуството на санкции и за контрола на квалитетот „Делоит“ изразил отворил прашања и за можното постоење на паралелни договори на „Астра зенека со други држави, кои би можеле да влијаат врз нејзината способност за испорака на договорените вакцини. Компанијата тврди декна не случила паралелни договори.
Од „Делоит“ укажале и на други проблеми со договорот, посочувајќи го отсуството на регулација при можно повлекување на пратка на вакцини, а консултантите предупредиле и дека „јазикот“ користен во договорот му овозможува на произведувачот на вакцини заштита од правна акција. Официјалните лица кои беа ангажирани во склучувањето на договорот со „Астра зенека“ сметаат дека забелешките на „Делоит“ стигнале предоцна.
Одложувањата во испораката ја забавија вакцинацијата на населението во земјите-членки на ЕУ, бидејќи европскиот блок првично сметаше дека оваа вакцина ќе биде клучна во кампањата за имунизација во текот на првата половина на годинава.