Во олимписката категорија на Павлов (до 67 кг) ќе настапат 14 каратисти, поделени во две групи. Турнирот е и проба пред квалификацискиот турнир за ЛОИ, исто така, во Париз, во јуни
КАРАТЕ
Македонскиот каратист и кандидат за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, Емил Павлов, викендов ќе биде дел од олимпискиот тест-турнир во Париз, кој, пак, ќе претставува генерална проба пред квалификацискиот турнир за ЛОИ, кој, исто така, треба да се одржи во Париз (11-13 јуни). Павлов, кој е двократен европски првак (во 2014 и во 2018 година) и носител на бронза од Европските игри во Баку (во 2015-та), вообичаено се бори во категоријата до 60 кг, но во Париз ќе настапи во олимписката категоријата до 67 кг, како што е предвидено на ЛОИ.
– Турнирот во Париз почнува денеска, а мојот настап е утре. Овој турнир ќе ми претставува добра проверка во новата олимписка категорија, до 67 кг. Конкуренцијата таму е многу голема, но очекувам пред сѐ добар настап иако моја главна цел на овој турнир е да видам до каде сум сум со мојата форма и во оваа, за мене, сепак, нова категорија – вели Павлов, кој е единствениот македонски каратист што ќе настапи на татамите во Париз.
Во оваа категорија ќе настапат 14 каратисти, од Франција, Шпанија, Германија, Австрија, Италија, Луксембург, Полска, Казахстан и од Македонија, кои ќе бидат поделени во две групи, ќе се борат секој со секого, а првите четворица ќе се пласираат во полуфиналето. Меѓу учесниците се познати имиња, како Французите Да Коста (по еднаш светски и европски првак) и Бертон (трипати светски и еднаш европски шампион), Италијанецот Крешенцо (еднаш светски првак), Казахстанецот Асадилов (моментно прв на олимписката ранг-листа) и други.