Односите меѓу Европската Унија и Турција се во длабока криза, а од највисоките европски претставници е доставен список за „обврски“ што треба да ги исполни непопустливиот турски претседател Реџеп Таип Ердоган. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вчера во Анкара, ја повикаа Турција да продолжи да работи на решавање на споровите со Грција и со Кипар за правото за експлоатација на гасот во водите на Источен Медитеран.
Посетата на високите европски претставници на Турција доаѓа по самитот на ЕУ, кој се одржа минатиот месец, на која беше најавена можноста Унијата да почне процес за воспоставување подлабоки трговски врски и за обезбедување повеќе пари за мигрантите што се сместени во Турција, објави „Ројтерс“.
На средбата со Ердоган, лидерите на Европската Унија ја искажале загриженоста поради состојбата со човековите права во Турција.
– Владеењето на правото и почитувањето на основните права се суштински вредности во ЕУ – посочил Мишел.
Претседателката на ЕК, пак, изразила жалење поради истапување на Турција од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување насилство врз жените и насилство во семејството, која беше потпишана во 2011 година во Истанбул.
По едногодишни тензии во односите меѓу ЕУ и Турција, од Анкара ги засилија повиците за дијалог со ЕУ за решавање на чувствителните прашања. Меѓу нив се прашањата од грчко-турскиот спор во Средоземно Море, како и за улогата на Турција во судирите во Сирија, Либија и во Нагорно Карабах. Лидерите на ЕУ го потрудиле ставот дека Турција останува „важен партнер“ за ЕУ и го истакнале значењето за прифаќањето на бегалците, особено од Сирија.
Односите со ЕУ се нарушени по неуспешниот пуч во Турција во 2016 година. Само со една посета на Анкара, лидерите на ЕУ не можеа да поправат ништо значајно. Сè уште е рано за „позитивната агенда“ за која се залага Шарлс Мишел. Прво треба да се види дали има какви било шанси Турција да се врати на демократските стандарди во скоро време. Ќе биде многу тешко, но барем е договорено да се зборува за тоа, пишува „Дојче веле“.
– На сите им е јасно дека овој вид на Турција нема шанси да влезе во Европската Унија. Преговорите за пристапување никогаш не започнале. Турција не го признава Кипар, членка на ЕУ, и држи дел од својата територија под окупација – е коментарот на Бернд Ригерт, новинарот на ДВ.
Во меѓувреме, Ердоган го запре спорот со членките на ЕУ, Грција и Кипар, за резервите на гас и поморските граници. За возврат, ЕУ не воведе санкции кон Турција и нуди преговори за реформа на годишната царинска унија, која постои веќе четвртина век.
– ЕУ се согласува со новата американска администрација дека Турција е сè уште потребна како бедем против Русија и Иран, особено во рамките на НАТО. Затоа, членството во Алијансата не е доведено во прашање и се прави обид да се избегне туркање на Ердоган во насока на неговите автократски колеги во Москва или Пекинг – забележува Ригерт.
Белата куќа, предводена од американскиот претседател Џо Бајден, го засилува притисокот врз Ердоган. Санкциите за набавка на руски противвоздушни ракети сè уште се во сила. На прагматичарот Ердоган му е јасно дека не може да преживее целосно сам, без сојузници и пријатели. Тоа е причината за неговата подготвеност да разговара со Брисел, а не дека ќе биде загрижен за критикување на кршењето на човековите права или повлекување од Истанбулската конвенција против насилството врз жените, пишува „Дојче веле“