Климатските промени треба да се приоритет на сите институции, како и за целата заедница порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска на конференцијата „Да зборуваме за климатските промени“ на тема „Можности за попаметно греење“, во организација на Екосвест, ЦНВП Македонија и ДЕМ.
– Апелирам институциите, државни и приватни, како и секој граѓанин директно да се вклучат во можностите за алтернативни решенија. Потребно е подобрување на состојбите со загадување на воздухот поради загревање на домовите на некои локации во земјава, како и идентификување на можните поддржувачи на промената кон почисти и климатски поповолни опции преку интерактивна онлајн работа. Затоа ги охрабрувам сите општини и граѓани кои имаат идеи и проекти кои се во фокус на загревање на домовите во принципот старо за ново паметно да ги искористат – порача Милевски.
Тој појасни дека со поддршка на Министерството за локална самоуправа преку буџетската програма за рамномерен регионален развој, како и со поддршка на швајцарската Влада се реализирани голем број проекти во 8-те плански региони, кои директно ги подобруваат условите на живеење на граѓаните преку користење на обновливи извори на енергија, поголеми заштеди, заштита на животната средина, како и преку подигнување на јавната свест.
Исто така во три скопски општини: Центар, Карпош и во Кисела Вода се воспоставени три иновативни екозони каде што се користат обновливи извори на енергија. Се користи сончевата енергија за напојување на смарт-клупите кои имаат сензори за мерење на квалитетот на воздухот и коишто обезбедуваат бесплатен интернет.