Сар во западна Германија е прва од 16 германски сојузни држави што излегоа од националното затворање, а нејзиниот водач ги оправда мерките за ублажување со релативно ниската стапка на зараза и обемното тестирање на ковид-19.
Од вторник е дозволено отворање ресторани со тераси, кина, театри, спортски сали и други јавни места за луѓе кои можат да покажат негативен брз антигенски тест, кој не е постар од 24 часа. Групи од 10 лица со негативен тест ќе можат да се собираат на отворено.
– По една година пандемија треба да размислиме за повеќе работи, не само за затворање и ограничување – рече премиерот на Сар, Тобијас Ханс, додавајќи дека ниту една зараза со коронавирус нема да остане незабележана.
Во споредба со состојбата на национално ниво, стапката на зараза во Сар е мала. Нејзината седумдневна инциденција на нови зарази на 100.000 жители е под сто, а во неделата беше 88,2.