Во текстот што следува намерата е да се анализираат квалитетот и карактерот на Македонија, изразени преку индексот за успехот/неуспехот на 178-те држави во светот, што кај нас досега не е познато. Сите податоци што се презентираат се преземени од една независна и невладина организација од Вашингтон, која над 60 години собира, анализира и обединува резултатите на многу научни институции и групи од САД за мирот, безбедноста, економијата и конфликтите и врз таа основа, преку посебна методологија, доаѓа до споменатиот индекс, кој ние тука ќе го искористиме. Концептот користи над илјада показатели од 64 параметри, категоризирани преку четири критериуми, на што се додаваат уште еден мал дел процени. Кога ќе се вкрсти сето тоа, се добиваат индексот и ранг-листата според овој индекс на секоја од споменатите држави.
Во периодот од 2012 до 2020 година, Македонија го подобри својот индекс на успешност за 7 индексни поени. Треба ли оваа власт да биде задоволна од оваа движење и да го слави изолирано од реалноста? Не, почитувани! Во истиот период, на светската ранг-листа Македонија и со тој подобрен индекс си го задржала 68-то место од 178 држави, бидејќи и понатаму останува во истата фаза на земји со предупредување за разлика од другите држави чија цел е побрз политички, економски и општествен развој. Од овој аспект, тоа значи неповолна оцена за успехот и стабилноста на нашата држава. Еве аргументи за тоа. Во рамките на европските земји, со тоа подобрување Македонија, во истиот период, исто така се зацврсти на 34-то место од 39 земји, вклучувајќи ја Турција во нив, но нема поместување кон поголема стабилност. Ова значи дека, безмалку, Македонија се наоѓа на последното место на оваа ранг-листа во однос на споменатите земји и е подобра само од Белорусија, Србија, Украина, Босна и Херцеговина и Турција. И во рамките на десетте балкански земји, како и кај европските, Македонија со споменатото подобрување на индексот си останува закотвена на 8-то место и затоа е поблиску до последната отколку до првата земја, што е полоша позиција и од Албанија.
Во светски рамки и во споменатиот период од девет години, Финска постојано е на првото место на ранг-листата на успешни и неподелени држави меѓу 178-те држави во светот, а Јемен е меѓу трите последни држави во светот и се смета за неуспешна и поделена држава. Финска постојано го подобрува својот индекс и ја задржува водечката позиција на индексот и во статусот, а Јемен го влошува тој индекс и ја задржува позицијата меѓу трите последни држави. Значи, потребно е постојано значително подобрување на индексот на Македонија од споменатиот, подобро и од подобрувањето на земјите што се околу нас, за да се напредува во светски, европски и балкански рамки.
Ако го поделиме периодот на два дела, од 2012 до 2017 година и од 2017 до 2020 година, јасно ќе видиме колку оваа влада била подобра или полоша од претходната. Во првиот период од пет години, Македонија ја подобрила позицијата на ранг-листата на европската лига за едно место, од 35-то се качила на 34-то место, а во вториот период, до 2020 година, позицијата не е променета и останува иста како и во 2017 година, на 34-то место. Во балканската лига, како и кај претходните групи на држави, Македонија си останува цврсто закотвена на 8-то место и тапка во истата фаза на предупредување, што не е така со другите држави, кои се движат подобро и прескокнуваат во подобри статусни позиции. Во секој поглед, ова зборува дека оваа власт не ја подобрила економската и социјалната стабилност, ниту пак безбедноста и кохезивноста во однос на претходната влада. Понатаму да видиме зошто оваа власт неуспешно управува со државата.
Да извршиме една проширена споредбена анализа на структурата на индексот во периодот 2017-2020 година, кој е резултат на збирот на поените од следниве критериуми: кохезијата на државата, економијата, политиката и социјалата. Во овој период на владеење на коалицијата на СДСМ и ДУИ и неколку помали партии, кај трите споменати критериуми, Македонија остварува скромни подобрувања, кои се под еден индексен поен, а економијата ѝ останува болна особина на влошување, поради што останува на исто ниво како и во претходните години. Во слична состојба како нашата се наоѓаат само Босна и Херцеговина и Србија, додека другите држави, Хрватска, Романија, Бугарија, Грција и Албанија, имаат подобрување од по 1-2 поени, што е повисоко од нашето, според споменатите критериуми, поради што имаат подобрување на вкупната состојба во однос на Македонија, меѓу другото и поради тоа што кај сите нив има подобрување кај економијата. Словенија предничи по сите овие критериуми, во однос на сите балкански држави.
Подлабоката споредба на Македонија со Словенија, според споменатите четири критериуми, ја потврдува оцената за аматерското и неумешно управување со државата од страна на оваа власт.
Пред да продолжам понатаму, почитувани, мора да напоменам дека она што ќе следува не е моја лична перцепција, туку сѐ е поткрепено со факти и бројки на институцијата од која ги црпам податоците за целиот овој напис, а која ја споменав на почетокот. Кај кохезијата, Словенија има подобар безбедносен апарат речиси за двапати, што не е резултат на бројот на вработените туку на нивната компетентност и не доаѓа само како последица на членството во НАТО.
Има подобра цивилна контрола, подобра и професионална соработка со граѓаните, нема бруталност и сл., за осум пати од Македонија. Кај фракционерството на елитите, Македонија е полоша за трипати, бидејќи нашите лидери се полоши претставници на граѓаните, целосно свртени кон остварување на партиските и личните интереси, за разлика од Словенија; кај нас не постои процес на дијалог, а далеку сме од консензус меѓу позицијата и власта, а за помирување никој не помислува, туку се водат рововски битки за докажување на својата вистина и правда; околу македонскиот идентитет постојат сериозни разлики, а некои граѓански активисти и симпатизери на власта стојат на ставот дека дури постојат и некакви национализми, но и такви што не се заинтересирани за идентитетот на Македонците и просто би го збришале, што не е случај во Словенија, која се грижи дури и за идентитетот и на своите во Австрија и во Унгарија. Кај економијата е познато дека заостануваме зад Словенија за двапати. Мислам дека за овој параметар нема потреба од поопширен коментар зошто сме полоши, освен да ја споменеме оцената за нашето ниско знаење на економските законитости во однос на Словенија. Ако одиме на подеталните коментари за политиката, според секој споменат показател,Македонија е за трипати полоша од Словенија. Тоа е последица на тоа што голем дел луѓе немаат доверба кон владата; демонстрации на опозицијата има, ама нема подготвеност за активно слушање и разбирање на поводот и причините, туку постои силно одбивање на аргументите, вадејќи се на грешките на поранешната власт. За зголемената корупција за двапати сѐ беше кажано во извештајот на „Транспаренси интернешнел“.
Останува да се спомене дека се води некаква замислена битка со ветерници или, попрецизно, учесниците во корупцијата водат битка сами со себе; Владата не е претставник на голем дел од популацијата туку само на дел од неа – на своите; транзицијата на моќта не тече. Запрена е и резервирана за власта: не се прифаќаат предлозите на опозицијата, па Собранието ги брани, прифаќа и става на дневен ред само предлозите на власта и сл. Човековите права на етничките заедници се на највисоко ниво во светот, ама обврски за нив нема, поради што има сериозна промена на структурата на буџетот. Односот кон приливот и одливот според етникумите е видлив од високо: некој само е обврзан да уплатува редовно, а друг без обврска да уплатува, добива грантови од буџетот од околу 500 илјади евра, иако сѐ посилни се гласините дека таму има огромен црн бизнис за фалсификување производи од развиените земји, кои се пласираат на нашиот ама и на пазарите во околните земји, што премолчно го одобруваат развиените земји производители на фалсификувани производи. Има сериозен расчекор меѓу остварувањето на правата и економската моќ на државата, што сериозно се одразува врз економијата. Во областа на социјалата, Македонија е полоша од Словенија за двапати кај трите показатели, бидејќи економските ресурси погрешно се користат.
Ќе завршиме со процените за тоа што требаше да стори оваа власт за да направивме еден чекор погоре на ранг-листата на успешните држави, напуштајќи ја фазата на предупредување и влегувајќи во фазата на помалку стабилни држави. Како што споменавме, во периодот од 2017-та до 2020-та, оваа власт го подобрила индексот од 66,1 на 62,1 поени, или за 4,о индексни поени. Но тоа не било доволно да го поминеме прагот и да влезе во погорната фаза. Ни требале барем уште 3 поени повеќе од 4-те, односно вкупно 7 за да стигнеме барем до 59,9 поени на ранг-листите и да го направиме исчекорот во фазата на помалку стабилни држави, клубот во кој се наоѓаат Хрватска, Романија, Грција, Црна Гора и Албанија.
Оваа власт ниту знаеше ниту го сработи тоа, како што стори на пример Албанија, и затоа си останавме и во 2020-та во истата фаза на предупредување како и во 2017 година, што најверојатно беше цел на Тиранската платформа, Албанија да напредува, бидејќи нашата влада селективно дејствуваше во остварувањето на интересите на сите свои граѓани, иако пред да дојде на власт ветуваше мед и млеко. Дали тоа можеби е размислувањето Албанија да ги отвори преговорите со ЕУ, а ние да почекаме!?
Еве ги моите заклучни коментари. Ако се има предвид двојното зголемување на корупцијата според „Транспаренси интернешнел“, како и оцената за делумно слободна и поделена држава на „Фридом хаус“, тогаш јасно е дека оваа власт е најнекомпетентна, најнеспособна и најкорумпирана од осамостојувањето на Македонија. Нејзините активности се карактеризираат со влошување на состојбите со кохезијата, економијата, политиката и социјалата. Таа и во вистинска смисла на зборот е посветена кон остварување на ветувањата за канибализмот, и веќе уништи сѐ што е покомпетентно и поквалитетно од нејзините кадри, а за преговарање нема никакво познавање, па сме заглавени на патот кон ЕУ. Сето ова најдоследно се потврдува и со проблемите околу ковид-19. Оваа власт не знае како да ги решава проблемите во здравството, освен што е свртена кон тоа што најдобро го знае – од сѐ да остварат што повисоки провизии за себе и во време на невреме, жртвувајќи ги животите на својот народ, кој го полни буџетот. Но, почитувани, во сето ова поединци од власта намерно ја стопираат поддршката од ЕУ за да си помогнат да ги решат проблемите со Бугарија, бидејќи тие и се чувствуваат како благонадлежни и упорно работат да го докажат тоа, иако јавно ни се претставуваат како најголеми Македонци. Го потикнуваат процесот на поделба на македонското ткиво, бидејќи не ги бранат националните интереси на Македонците. Ама затоа интересите на политичките партии на најголемото малцинство ги туркаат со невидена леснотија, жртвувајќи ги интересите на сите чесни граѓани, од сите етникуми.
М-р Ѓорѓи Трипков, економист аналитичар, пензионер