Навистина сум возбуден што одам по патот на легендите и гигантите на овој спорт, изјави Ѓоковиќ, пренесе АТП

ТЕНИС – РЕКОРД СПОРЕД БРОЈОТ НА НЕДЕЛИ НА ПРВОТО МЕСТО НА АТП-ЛИСТАТА

Светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, постави нов рекорд, откако 311 недели е на врвот на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Ѓоковиќ го престигна Швајцарецот Роже Федерер, кој беше сопственик на претходниот рекорд од 310 недели на првото место на листата. Следни според бројот на недели на врвот на АТП се Американецот Пит Сампрас, со 286 недели, и Чехот Иван Лендл, со 270.
– Навистина сум возбуден што одам по патот на легендите и гигантите на овој спорт. Кога знам дека местото меѓу нив сум го заслужил следејќи го својот детски сон, тоа е убава потврда за тоа дека сѐ е можно кога работите со љубов и со страст – изјави Ѓоковиќ, пренесе АТП на својата интернет-страница.
Првпат на првото место на АТП-листата Ѓоковиќ се искачи на 4 јули 2011 година, по победата над Жо Вилфред Цонга во полуфиналето на гранслем-турнирот Вимблдон и триумфот над Рафаел Надал во финалето на тој престижен турнир. Ѓоковиќ на 31 декември 2020 година се изедначи со Сампрас според бројот на години завршени како светски тенисер број еден (тој беше прв во 2011, 2012, 2014, 2015, 2018 и во 2020 година). АТП го воведе рангирањето во 1973 година.
– Да се биде број 1 е нешто за што многу играчи сонуваат, а само малкумина го постигнуваат тоа, но да се биде на врвот подолго од кого било е доказ за нивото на постојаната извонредност што Ѓоковиќ ја демонстрира во нашиот спорт – рече Андреа Гауденци, претседателот на АТП.


ПРВИ 10 НА АТП-ЛИСТАТА

Новак Ѓоковиќ 12.030
Рафаел Надал 9.850
Данил Медведев 9.735
Доминик Тим 9.125
Стефанос Циципас 6.660
Роже Федерер 6.630
Александер Зверев 5.615
Андреј Рубљов 5.019
Диего Шварцман 3.540
Матео Беретини 3.480

БРОЈ НА НЕДЕЛИ НА ВРВОТ НА АТП-ЛИСТАТА
Новак Ѓоковиќ 311
Роже Федерер 310
Пит Сампрас 286
Иван Лендл 270
Џими Конорс 268
Рафаел Надал 209