Комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, изјави дека е во ред доколку членките на Европската Унија сакаат да набават вакцини против коронавирусот од руско и кинеско производство.
Бретон го поздрави потегот на Австрија и Данска да соработуваат со Израел во врска со вакцините, пишува „Политико“.
– Немам страв дека тоа е насочено против кого било. Тоа е само подобрување на глобалната соработка – рече Бретон.
Бретон е одговорен за разговори со претставници на компаниите „АстраЗенека“, „Фајзер“ и „Модерна“, кои произведуваат вакцини против коронавирусот.
Запрашан да даде коментар за интересот на Унгарија, Словачка, Полска и на Чешка за руската вакцина „Спутник 5“, тој рече дека сите дози што ги добиваат тие земји се само капка во морето.
– Она што сега ни треба се дози, а не нови вакцини – рече Бретон додавајќи дека Унгарија примила 40.000 дози од руската вакцина и дека се потребни милиони, а земјите членки ќе добијат милиони дози вакцини со помош на ЕУ.