Париз – Француската министерка за труд Елизабет Борн изјави дека е најважно компаниите да го зголемат работењето од дома, за да се избегне ново заклучување на земјата во борбата против ширењето на коронавирусот. Таа посочи дека изминатите денови податоците за ковид-19 не се добри во земјата, па во таа насока, а со намера да се избегне нов карантин подобро е работата да се пресели дома. Борн најави дека в петок ќе се сретне со претставници од секторите за банкарство, осигурување и инженеринг, а темата на разговорите ќе биде работењето од дома, пренесе АФП.
Њујорк – Шефот на ОН, Антонио Гутереш, ја осуди „бруталната сила“ што ја користат оние што стојат зад пучот на Мјанмар и ја повика војската веднаш да ја запре репресијата и да ги ослободи затворениците, додека протестите продолжуваа во земјата. Во меѓувреме десетици илјади демонстранти завчера повторно се собраа низ Мјанмар и покрај јасната закана од воената хунта дека е подготвена да употреби оружје за да ги растера демонстрациите.
Вашингтон – САД предупредија дека ќе го сметаат Иран одговорен за нападите во Ирак, објави Стејт департментот. Според портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, Вашингтон ќе го смета Иран за одговорен за постапките на неговите соработници што ги напаѓаат Американците во Ирак. Во исто време американските власти соопштија дека тие се подготвени да се сретнат со иранските власти.
Москва – Руското министерство за надворешни работи изрази разочарување од одлуката на ЕУ да воведе санкции за руските функционери одговорни за третманот на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални и неговите приврзаници. Овие пораки од Москва доаѓаат по одлуките на министрите за надворешни работи на ЕУ да воведат нови, насочени санкции против руски официјални лица одговорни за постапките против Навални.