Шведската влада изнесе неколку предлози со кои би се овозможило привремено затворање на трговски центри, спортски сали и други локации поради страв од можен трет бран на пандемијата на коронавирус.
Предлозите се во согласност со привремено зголемените овластувања на владата и се сметаат за неопходни во случај на трет бран, наведува агенцијата ДПА.
Владата нагласува дека е загрижена поради ширењето на нови видови на коронавирус кои се заразни.
– Ситуацијата нè загрижува. Не е познато како ќе се развие и постои ризик од трет бран – рече министерката за здравство Лена Халенгрен на прес-конференција.
Новите предлози ќе вклучуваат трговски центри и услужниот сектор каде одржувањето на далечина е тешко, вклучувајќи фризерски салони, спортски сали и базени и ресторани.
Локалните власти исто така може да забранат пристап до локации каде што луѓето можат да се собираат во голем број, како што се јавни паркови.
Сите овие мерки треба да бидат на сила до 11 март.