Европската комисија ќе испрати писмо до земјите членки во кои ги повикува да се придржуваат кон договорените упатства кога станува збор за можни ограничувања на слободата на движење во рамките на ЕУ.
Оваа реакција на ЕК доаѓа по едностраното затворање на германската граница со Австрија со цел да се запре ширењето на новиот вид коронавирус. Комисијата нагласува дека е загрижена и за потезите на Белгија, која ја продолжи забраната за неесенцијално преминување на нејзините граници до 1 април.
– Земјите членки треба силно да ги обесхрабрат небитните патувања во и од темноцрвените зони, но мора да се избегне затворање на границите – вели портпаролот на ЕК, Кристијан Виганд.
Во Брисел потсетуваат дека сите земји членки го поддржаа предлогот на ЕК за заеднички и координиран пристап кога станува збор за ограничувања на движењето и дека секое непочитување на договорот ризикува поделби и проблеми во слободата на движење во рамките на шенген-зоната.
Се додава дека покрај препораките на ЕК, кои ги прифатија сите земји членки, постојат и обврзувачки правила на шенген, кои мора да се почитуваат на границите на земјите членки.
Поради сегашната пандемија, важно е земјите членки да може да преземат мерки за запирање на ширењето на инфекцијата, особено новите видови коронавирус, но тие мерки мора да бидат пропорционални и недискриминирачки кон граѓаните на ЕУ, заклучува Европската комисија.