Студен бран ја погоди Грција за време на викендот и ги спушти температурите во Атина од 20 Целзиусови степени, како што беа во петокот, на значително под нулата денес, а во градот паѓа обилен снег, пренесува „АП“.
Агенцијата наведува дека градските власти апелирале до граѓаните да го ограничат излегувањето само за приоритетните потреби, а главниот автопат северно од Атина е затворен поради снежни врнежи.
Автопатот Атина – Ламија ќе биде затворен 24 часа на ден, од понеделник во 19 часот и во текот на утрешниот ден, по одлуката на Цивилната заштита, поради лошите временски услови, пренесуваат грчките медиуми.
Температурите во областа Кожани во северна Грција се спуштија на минус 20 Целзиусови степени, а на грчките острови беа забележани силни ветрови, со налети кои достигнуваа 118 километри на час.