Мануел Ноер, Томас Милер, Давид Алаба, Жером Боатенг и Хави Мартинез беа дел од тимот на Баерн што триумфира во 2013 година

ФУДБАЛ, КЛУПСКО СП

Првакот на Европа и на Германија, Баерн, и првакот на Северна Америка и на Мексико, Тигрес, ќе се сретнат во утрешното финале на 17-то клупско Светско првенство (СП) во фудбал во Катар. Баерн ќе игра за втората титула светски првак (првата ја освои во 2013-та), односно за шестиот трофеј сезонава, откако триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ), во Бундес-лигата, во германскиот Куп, во Суперкупот на УЕФА и во Суперкупот на Германија. За Тигрес, кој во полуфиналето го елиминира бразилскиот Палмеирас (1-0), ова ќе биде прво вакво финале во клупската и во историјата на конфедерацијата на Северна и Централна Америка, и на Карибите (КОНКАКАФ).

Баерн во второто полуфинале со доминантна игра (посед на топката 70 отсто) го совлада првакот на Африка, Ал Ахли од Египет, со 2-0, со головите на Роберт Левандовски, за него 29 сезонава, на 27 натпревари. За Ал Ахли тоа беше прв пораз по 32 меча.
– Одигравме многу добар натпревар и подготвени сме за финалето. Сакаме да освоиме уште една титула, шеста во сезоната. Ова е клупско Светско првенство, тоа секогаш е нешто посебно. Се надевам дека ќе играме уште подобро во финалето и дека ќе создадеме повеќе шанси за голови – изјави Левандовски.
Мануел Ноер, Томас Милер, Давид Алаба, Жером Боатенг и Хави Мартинез беа дел од тимот на Баерн што триумфира во 2013 година на турнирот што тогаш се одржа во Мароко и кога на тренерската клупа на Баварците беше Пеп Гвардиола.