Песната „2001: A Garden of Personal Mirrors“ е напишана од Мајк Каплан, поранешен публицист на режисерот Стенли Кјубрик
Малата дискографска куќа од англискиот град Бристол, „Вејв теори рекордс“, ги воодушеви обожавателите на филмот „2001: Вселенска одисеја“ на американскиот режисер Стенли Кјубрик кога пред неколку недели ја објави песната напишана специјално за потребите на филмот, која никогаш не се слушна во филмот. Песната „2001: A Garden of Personal Mirrors“ е напишана од Мајк Каплан, поранешен публицист на Кјубрик, но режисерот никогаш не ја искористил.
Каплан за „Гардијан“ изјави дека е шокиран од фактот што песната што ја напишал пред толку години се пушта на радио и што слушателите ја сакаат. Каплан добил задача да напише песна за филмот за време на состанокот со Кјубрик и филмското студио „Метро-Голдвин-Маер“, каде што сите слушале друга песна што требало да биде во филмот. Кјубрик го замолил Каплан, кој знаел да пишува песни и сметал дека ја разбира „Одисеја“, да напише песна за филмот.
– Слушам дека компонираш. Зошто не би напишал нешто – му рекол, наводно, на Каплан, кој потоа ја напишал песната што ја отпеала пејачката Наоми Гарднер.
На Кјубрик му се допаднала песната, но никогаш потоа не разговарале за неа. Музика за „Одисеја“ напишал и композиторот Алекс Норт, но Кјубрик на крајот решил да користи класична музика во филмот.
Од дискографската куќа „Вејв теори рекордс“ велат дека пишувањето музика за Кјубрик секако било тешка задача. И двајцата, Алекс Норт и Мајк Каплан, го почувствувале тоа на своја кожа.
– Веднаш се заинтересирав за песната на Каплан. Таа го содржи духот на времето во кое е создадена. Музиката на Норт и песната на Каплан, секако, се издвојуваат со нивната музичка иновација. И двајцата навестуваат колку креативно биле предизвикани од филмот на Кјубрик – велат од бристолска дискографска куќа.