Постоперативното закрепнување на папата Лав XIV напредува нормално, објави денеска прес-службата на Ватикан, наведувајќи дека резултатите од утринските крвни анализи и рендгенската снимка на белите дробови, извршени по операцијата, се во рамките на очекуваните граници.
Во соопштението објавено од доктор Луиџи Карбоне и професор Стефано Маргарита, раководител на Одделот за торакална хирургија во болницата каде што беше опериран папата, се наведува дека наодите се во согласност со очекуваните вредности за видот на операцијата на која беше подложен папата, објавува Ватикан Њуз.
Папата денеска бил подложен на респираторна физиотерапија и почнал да шета низ својата соба, соопшти прес-службата.
Исто така, наводно, повторно почнал да јаде нормално и појадувал и ручал.
Папата Лав XIV вчера беше подложен на торакална операција во Римската болница Џемели, за време на која му бил отстранет долниот лобус на десното белодробно крило.
Постоперативната хистопатолошка анализа ја потврди дијагнозата за аденокарцином на белите дробови, за кој се сомневале врз основа на претходните прегледи.
Ватикан објави дека операцијата траела околу 90 минути, дека поминала без компликации и дека папата Лав XIV се вратил во својата соба откако се разбудил од анестезија.

































