АВТОМОБИЛИЗАМ
Грожан ќе вози на избрани трки во индикар-серијата

Поранешниот возач на Формула 1, Ромен Грожан (34), годинава ќе се натпреварува во индикар-серијата. Тој ќе вози во избрани трки, односно на друмски и улични трки, избегнувајќи ги кружните патеки, пишува „Би-би-си“.
– Имав различни опции за сезонава, но индикар-тркањето дефинитивно ми беше омилено. Ќе биде возбудливо да се освојат подиуми и повторно да се победува – вели Грожан.
Тој во Ф1-кариерата од девет и пол сезони 10 пати беше на подиумот, пишува „Би-би-си“. Грожан имаше сериозни изгореници на рацете при несреќата на трката во Ф1 во Бахреин во ноември лани.
– Левата рака уште заздравува, но подготвен сум да се вратам во тркачкиот автомобил и да го почнам ова следно поглавје од мојата кариера – вели Грожан, чија прва трка е закажана на 18 април. Г.И.


ТЕНИС
Тајли: Австралија опен ќе се игра, ќе почнеме в понеделник

Австралија опен ќе се игра според предвиденото, почнувајќи од понеделник во „Мелбурн парк“ и покрај заминувањето во карантин на околу 500 тенисери и придружен персонал, по позитивниот тест на коронавирус на работник во хотелот во кој се сместени тенисерите.
– Апсолутно сме сигурни дека Австралија опен ќе се игра. Ќе почнеме в понеделник и немаме намера да ги менуваме термините – рече извршниот директор на „Тенис Австралија“, Крег Тајли.
Во исчекување на ждрепката за првиот гранслем годинава сите тенисери и придружен персонал ќе бидат тестирани, а позитивните ќе останат во изолација додека не добијат негативен тест. Вчерашните натпревари на загревачките турнири беа одложени и во зависност од исходот на тестирањата треба да продолжат денеска. Ждрепката на двојките за Австралија опен што требаше да се одржи вчера е одложена за денеска, за да се добијат резултатите од тестирањето пред ждрепката.
– Планот е денес да продолжиме да играме како што беше предвидено. Ако треба повторно да го поминуваме ова, повторно ќе го поминуваме. Имаме уште три и пол недели за играње тенис и ќе одиме според предвиденото – рече Тајли. Та.Д.


ФУДБАЛ – ЦИЕС
Баерн е најефикасен меѓу тимовите во најсилните пет лиги

Фудбалската опсерваторија на Центарот за спортски студии (ЦИЕС) од Швајцарија ги рангира тимовите од 31 европска лига според бројот на удари потребни за постигнување голови, според податоците дадени од „Инстат“, па најефикасен тим во петте најсилни домашни првенства во Европа е европскиот и германски првак Баерн (5,3 шута за еден гол). Во таа конкуренција на најсилните пет лиги (во Англија, Германија, Франција, Шпанија и во Италија) по Баерн следуваат лидерот во Шпанија, Атлетико Мадрид (еден гол на 5,4 удари), Унион Берлин (5,7), Елче (5,9) итн.