По вчерашниот концерт заедно со виолинистот Сергеј Крилов и виолончелистот Александар Књазев, во катедралната црква „Света Софија“ вечер соло ќе настапи рускиот пијанист Николај Лугански.
Критичарите го опишуваат Лугански како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахманинов и на Прокофјев. Студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори – Татјана Кестнер, Татјана Николаева и Сергеј Доренски.
Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот, како Вигмор хол во Лондон, Концертхаус во Берлин, Theatre des Champs-Enscees, во Московскиот конзерваториум, Филхармонијата на Санкт Петербург…, а соработувал и со некои од најзначајните оркестри: Лондонскиот филхармониски оркестар, Чешката филхармонија, Рускиот национален оркестар, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, Филхармонијата на Санкт Петербург…
Лугански е чест гостин на најпознатите фестивали во светот, меѓу кои со циклусот концерти „The Proms“ одржани во Лондон, Интернационалниот пијано фестивал во Ла Рок Дантерон во Франција, Музичкиот фестивал во Раингау, Германија, Интернационалниот фестивал во Единбург, Шкотска, и многу други, уметнички директор на фестивалот „Рахманинов“ во Тамбов.
Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и „Уметник на народот на Русија“ во 2013 година.
На програмата на вечерашниот концерт се дела за пијано од Дебиси, Скрајбин, Рахманинов.