Кај секоја политичка партија, кај секој граѓанин треба да преовладее разумот, да ги поддржат процесите, со кои се добиваат точни и целосни податоци за структурата на населението и домаќинствата и да се спроведе попис без мешање на политиката, велат од владејачката СДСМ.

Од таму нагласуваат дека по речиси две децении без попис, во државата има недостиг од квалитетни статистички податоци, кои се клучни за градење на стратегии и политики и за натамошен сигурен и предвидлив развој.

– Државниот завод за статистика ги има сите капацитети и е подготвен да одржи попис согласно стандардите на Обединетите Нации и на Евростат. Законското решение гарантира дека пописот ќе се спроведе исклучиво како статистичка операција која никогаш повеќе нема да се третира како политичко прашање – стои во партиското соопштение, во кое се додава дека пописот ќе се одржи напролет, во интерес на граѓаните и напредокот на државата.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да се откаже од фалсификат попис, излезно решение е електронскиот попис

 

Електронскиот попис е единствено решение, кое е брзо и ефикасно ќе понуди цврсти информации кои и се потребни на државата, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму истакнуваат дека време е СДСМ да се откаже од, како што велат, насилно туркање кон попис кој ќе значи фалсификат и лажење како на институциите, така и на граѓаните.

– Никој нема полза од фингиран попис и Заев и СДСМ мора да го сфатат тоа. Македонија 40 години немала реален попис, кој може да помогне на државата во планирањето на идните чекори, Заев е на пат да спроведе уште еден политички попис, кој ќе биде само за задоволување на коалициони апетити и ништо друго – стои во партиското сооопштение.

Во него се додава дека електронскиот попис би се спровел со споредување на базите на податоци на повеќе државни институции, по што ќе се добие јасна слика на бројот на државјани, резиденти, нерезиденти, вработени, невработени, нивото на образование и слика за секој еден податок од значење.

– Доколку Заев сака навистина европски попис ова е шансата, во спротивно ќе покаже дека само сака да си ја зачува фотелјата преку коалициони пазарења – велат од ВМРО-ДПМНЕ.