Заев пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ
Во просториите на Владата вчера се одржа редовниот годишен состанок на шефовите на дипломатските мисии на државите-членки на ЕУ во земјава, на која премиерот Зоран Заев ги информира амбасадорите за актуелните и најважни активности во процесот за интеграција на земјата во ЕУ.
Како што информираат од владината прес-служба, пред амбасадорите, предводени од шефот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, Заев детално го образложил континуитетот на реформските процеси, додавајќи дека членството на Македонија во ЕУ нема алтернатива и дека е важно да се продолжи дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување.
– Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме – нагласил Заев.
За време на дебатата, премиерот ја поздравил изразената поддршка за проширувањето од страна на амбасадорката на Португалија, Вирџинија Пина, додавајќи дека е многу важен ставот на португалското претседателство дека почетокот на преговорите со Северна Македонија е меѓу приоритетите.
Премиерот воедно изразил благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против ковид-19 и изразил очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка.