ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Роберт Левандовски на мечот Баерн – Фрајбург, 2-1, постигна еден гол, 21-от сезонава во Бундес-лигата, најмногу од сите фудбалери речиси на половина од сезоната, по 16 првенствени кола. Со тоа Левандовски го собори рекордот на легендарниот Герд Милер од 20 погодоци на 17 натпревари во првата половина од сезоната 1968/1969 во најсилната германска лига.
– Ако некој е способен да го надмине рекордот на Милер, тогаш тоа е Левандовски – изјави тренерот на Баварците, Ханси Флик.
Левандовски, најдобриот играч на ФИФА за 2020 година, постигна девет гола на претходните шест првенствени натпревари и е на добар пат да го собори рекордот на Милер, кој во Бундес-лигата во сезоната 1971/1972 постигна 40 гола. Во истиот период, во таа рекордна сезона пред 49 години, по 17 кола, Милер имаше 17 гола.
Тоа значи дека на преостанатите 18 меча Левандовски треба да постигне 20 гола за да го помине Милер, кој во вториот дел од рекордната сезона постигна 23 гола, што изгледа можно со оглед на моментната форма. Левандовски до крајот на сезоната ќе мора да постигнува 1,1 гол по натпревар, што е пониска стапка од досегашните 1,4 гол.
Лани Левандовски имаше 34 гола, шест помалку од рекордните 40 на Милер, но пропушти три натпревари поради повреди и суспензија. Вкупно минатата сезона тој постигнаа 55 гола на 47 натпревари, надминувајќи го Милер, кој пред пет децении постигна 50 гола на 48 меча.
Милер е најефикасен во историјата на Бундес-лигата со 365 погодоци, на 427 натпревари или 0,85 гола по натпревар. Зад него е Клаус Фишер со 268 гола на 535 меча (0,50), па Роберт Левандовски со, досега, 257 гола на 336 натпревари (0,76 по натпревар).