Премиерот Зоран Заев очекува поддршка од пратениците од владеачкото мнозинство во Собранието за отпочнување на иницијативата за референдумот. Од кумановско Черкези, премиерот повтори дека 30-ти септември е таргетираниот датум за одржување на референдумот.
– Тоа што јас го знам е дека процедурите се отпочнати во Собранието. Оттаму веројатно денеска ќе има информации. Она што јас сум информиран во консултација со пратеничката група на СДСМ, ДУИ и сите други пратенички групи и пратеници од мнозинството, огромно е мнозинството на пратеници кои со свој потпис стојат зад отпочнување на иницијативата за распишување на референдумот – изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Тој ја повика опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот.
– Знам дека прашањето е тоа кое што го објавивме – Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р.Македонија и Р.Грција, знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам приликата опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас – изјави Заев.
Премиерот Заев нагласи дека ова е историска одлука што ја дефинира иднината на државата.
– Знаете дека ова е историска одлука не само заради тоа што е референдумска одлука, туку заради тоа што преку таа одлука се дефинира и иднината на нашата Република Македонија, изјави Заев.
Премиерот нагласи дека сите чинители во општеството се должни да создадат услови за граѓаните доволно да бидат мотивирани да излезат и да гласааат и да дадат поддршка, со што ќе се заокружи 27- годишната аспирација на држвата кон НАТО и ЕУ.
– Јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат и знам дека ќе успее референдумот, рече премиерот Заев.