Претседателот Стево Пендаровски со приклучување кон герила акцијата „Дали би ја пиеле оваа вода?”, ја објави поддршката на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“.
– Бистро, чисто и јасно за незагадена природа, чиста вода за пиење и за јасна поделба на надлежностите и преземање на одговорност да ги заштитиме нашите води. Заедно да работиме за да придонесеме кон одржливо користење и заштита на водата и за ефикасен надзор врз искористувањето на природните ресурси – напиша Пендаровски на неговите социјални медиуми, објавувајќи фотографија со шишето заматена вода.
Водата во Македонија не ја добива потребната заштита и не се користи рационално, а сите граѓани немаат пристап до здравствено исправна вода за пиење и санитарни услови. Одговорните институции немаат капацитет и опрема за спроведување на Законот за води и не се одвојуваат доволно пари од државниот буџет. Континуираното експлоатирање и уништување на водните ресурси се должи и на нискиот степен на казнивост на загадувачите.
Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“ која ќе трае во текот на 2021 година, ќе се фокусира токму на овие проблеми и нејзината цел е да го зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики. Кампањата се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.