Скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишник од Скопје за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
Станува збор за случајот со родендеската забава во изнајмен стан во центарот на Скопје, која полицијата вчера ја растури.
– Во изнајмен стан на ул. Црвена Вода, 28-годишниот осомничен неовластено држел 54,76 грама марихуана, 0,8 грама кокаин, хашиш смола со вкупен волумен од 14 милилитри во три шприца, како и психотропни супстанции: 10,8 грама амфетамин и 4,65 грама од 3,4-метилен диоксиметамфетамин (МДМА). При претрес на станот била пронајдена и дигитална вага со остатоци од наркотична дрога – информираат од обвинителството.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка куќен притвор.