Томас и Фрум од Скај се на првите две позиции, пред Холанѓанецот Думулан, а главното прашање на неколку етапи до крајот е дали Скај некого ќе фаворизира во завршницата на велосипедската трка Тур де Франс?
До крајот на 105-та велосипедска трка Тур де Франс остануваат да се извозат уште три етапи, не сметајќи ја последната, 21-та, в недела со финишот на Елисејските Полиња во Париз, која е ревијална. Најголеми шанси за триумф имаат возачите на Скај, Велшанецот Герент Томас и Британецот Крис Фрум, кои моментално се на првите две позиции, меѓу кои разликата е 1,39 минута, како и Холанѓанецот Том Думулан, кој доцни 1,50 минута зад Томас.
Но, главното прашање сега е како ќе се постави Скај во оваа ситуација, односно дали и кого ќе фаворизира? Кој за кого ќе вози и кому ќе му помага? Што се случува кога двајца клупски колеги се борат за првото место?
Во секој тим на Тур (вкупно 22) има по осум велосипедисти. Кога тимот се смета за фаворит, обично еден возач во улога на лидер атакува на првата позиција, а другите седум имаат задача да му помагаат. Фрум е лидерот на Скај, тој победи на четири од последните пет трки на Тур, победи пред два месеца на Џиро д’Италија, лани и на Вуелта. Но, моментно тој е на второто место, зад Томас, кој победи во 11-та и во 12-та етапа, се наоѓа во одлична форма и е на прагот на најголемата победа во кариерата. Ако беше обратно, и Фрум да водеше, повеќе од сигурно е дека Томас ќе стореше сѐ за да му помогне да стигне до петтиот триумф. Но, во сегашната ситуација кога двајцата имаат исти шанси за победа, ваквите и слични тактики паѓаат во вода.
– Двајцата велосипедисти се во лидерска ситуација, тоа е проблем и може да биде опасно за Скај. Веројатно сер Дејв Брејлсфорд (шефот на Скај – н.з.) ќе умее да ги мотивира двајцата велејќи им дека имаат шанси за победа, односно да ги остави сами меѓу себе да го решат победникот. За него тимот е во прв план, не станува збор за поединци или за нивните карактери и желби – коментира сер Бредли Вигинс, победникот на Тур во 2012 година, со голема помош токму на Фрум.
Велосипедистите понекогаш се крајно сомнителни кон своите колеги и може да станат „лути“ ривали.
– Сме слушале приказни во минатото како некои велосипедисти одбиваат да земаат храна што им ја дотураат колегите поради страв дека е загадена и слично. Во денешно време такво нешто речиси е невозможно, но имаше некои параноични, кои го земаа велосипедот со себе во хотелската соба поради страв дека механичарот на тимскиот колега може да го оштети – вели поранешниот шампион на Велика Британија, Роб Хејлс.
Во контекст на моментниот ривалитет Томас – Фрум, треба да се потсети на 2012 година и на Вигинс и Фрум, кои, исто така, беа во тимот на Скај. За време на 11-та етапа, Фрум беше подобар, но негова главна задача беше да го поддржува Вигинс. Сепак, на четири километри до целта Фрум реши да вози по свое, оставајќи ги зад себе Вигинс и остатокот од групата. Но, по само неколку минути Фрум повторно забави, очигледно почитувајќи ги наредбите добиени преку тимското радио. На крајот Фрум извозе по свое спринтирајќи во последните 300 метри и му побегна на Вигинс за две секунди. На крајот Вигинс стана првиот Британец победник на Тур, а Фрум помирливо изјави дека неговата задача била да му помага на Вигинс да победи на таа трка, а не тој.
Шампионот е подготвен да се „жртвува“ за лидерот
На прашањето дали ќе биде подготвен да му помогне на Герент Томас да победи на Тур де Франс ако е потребно и дали ќе ги жртвува своите амбиции за петти триумф, Крис Фрум пред неколку дена одговори потврдно.
– Да. Сѐ додека има возач на Скај на првата позиција во Париз јас сум среќен – рекол тој.
Секако, ова не значи дека Фрум нема да стори сѐ што може за да влезе во историјата и да биде петтиот велосипедист со пет триумфи на Тур и првиот по Еди Меркс што победува на четири грантур-трки во низа (Тур, Вуелта и Џиро).
Томас, пак, инсистира дека е во добри односи со Фрум со кого вози повеќе од една деценија во истиот тим.
– Тренирајќи и возејќи со него научив многу. Неговата најголема сила е во менталната цврстина и во тоа што никогаш не се предава – рече Томас.
Тој вели дека се чувствува посилен од кога и да е по брилијантните две недели на Тур.
– Минатата година бев убеден дека би можел да бидам при врвот, но работите не се одвиваа според планираното. Очигледно, колку сте поблиску до целта, толку повеќе сакате да останете на подиумот. Но, уште не размислувам за победата – вели Томас.