Потребата за обезбедување на слободното движење на стоки во целиот регион, за намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста на стоките и услугите на глобалниот пазар, е прашање од витално значење за бизнис-заедницата
Колку ќе настрада македонската економија поради привременото воведување царини и количествени ограничувања за увоз што се случуваат последниов период? Дали комбинацијата на санкции, царински бариери и недостиг од доверба меѓу државите и претпријатијата може да доведе до глобална криза? Дали ова би значело трговска војна за секој против секого?!
Последната одлука за зголемување на царината што ја засега Македонија е од страна на Владата на Косово за воведување привремена мерка за воспоставување зголемена царина од 30 отсто за одредени увозни земјоделски производи – овошје и зеленчук. А оваа одлука не е ни во согласност со заеднички поставените цели, како што се брз проток на стока и отстранување на царинските бариери, дефинирани преку Берлинскиот процес. И поради ова, веќе неколку дена, Македонија воопшто не извезува овошје и зеленчук. Од вообичаените 100-150 тона, се сведе на нула, а тоа е погубно за македонското земјоделство, бидејќи можните штети што би ги претрпеле земјоделците се околу 1,3 милион евра.
Македонските компаниите сѐ уште се соочуваат со многу тешкотии од административен и од технички карактер во меѓусебната трговија – непризнавање на сертификатите и другите документи што се однесуваат на квалитетот и техничките стандарди на стоката што се тргува, обврски за приспособување на амбалажите на производите или за приспособување кон стандарди што се применуваат само на некои пазари, спроведување анализи на граничните премини што се поврзани со временско оддолжување, но и зголемување на трошоците за извоз, што особено има влијание кога се извезува помало количество од одреден производ, па износот на овие трошоци може драстично да ја зголеми цената на производите и да ги направи неконкурентни на регионалните пазари, но и кај производите што имаат релативно пократок рок на важност.
Македонија, како мала земја со ограничен пазар, во голема мера ги базира својот раст и развој врз интензивна вклученост во регионалните и во глобалните надворешнотрговски текови. Во тој контекст, степенот на трговската отвореност и ефикасноста на движењето на стоките преку граница претставуваат клучни фактори на конкурентноста на македонската економија и на потенцијалот на домашните компании за вклучување во глобалните синџири на вредност.
Потребата за обезбедување на слободното движење на стоки во целиот регион, за намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста на стоките и услугите на глобалниот пазар, е прашање од витално значење за бизнис-заедницата.
Времето на ограничени економии, како и заштитени компании е веќе минато, и време е Македонија да се подготви за предизвиците што ги наметнува глобалната економија и слободниот пазар. Треба државите во регионот да се здружат, да ги искористат ресурсите и со тоа да докажеме дека можеме да им конкурираме на големите мултинационални компании, кои не познаваат граници и се безмилосни во освојувањето на пазарите, а не меѓусебно да си поставуваме царински бариери. А за тоа ни е потребна подобра инфраструктурна поврзаност, железничка и патна, со земјите во регионот, за квалитетно развивање деловни односи со странски партнери. Затоа, инфраструктурата мора да биде во преден план. Потоа, креирање заедничка стратегија за дигитална трансформација, која ќе води кон економски пораст, создавање работни места, подобра конкурентност и деловен просперитет.
Голем дел од активностите треба да вклучуваат обезбедување слободно движење на стоките и на услугите во целиот регион, за да се намалат трошоците и да се зголеми конкурентноста на стоките и на услугите на глобалниот пазар. Да се работи во насока да се постигне унифицирање на сите царински декларации, процедури и стандардизација на сите инспекции на регионално ниво, во согласност со стандардите на ЕУ, така што секоја земја ќе ги признае истите декларации, документација за одреден тип производи од сертифицирани лаборатории и агенции. Со тоа ќе имаме минимално време за чекање на границите.
Во време на поврзување и имплементирање на Берлинскиот процес, треба да се елиминираат бариерите. Само тоа е патот за заштита и на македонските и на регионалните производители.