Без разлика колку лошо се одрази пандемијата на ковид-19 врз големите напредни економии, уште полошо беше за земјите со ниски приходи што влегоа во кризата само со ограничени ресурси и со големи должнички оптоварувања. Меѓународната заедница мора да преземе чекори за да им помогне на овие влади да се соочат со коронавирусот или оваа криза никогаш нема да заврши
Поради пандемијата на ковид-19, светската економија се соочи со најголем пад од Големата депресија. Но додека сите се соочуваат со проблеми, најсиромашните земји во светот ќе платат највисока цена, освен ако не добијат поголема помош.
Околу 1,5 милијарда луѓе живеат во земјите во развој со ниски примања, се борат да ги надминат слабите системи на јавното здравје, ограничениот институционален капацитет и, во многу случаи, високите нивоа на долг. Сите овие земји влегоа во кризата со ограничен капацитет да се борат против неа. Тие се соочија со драматично зголемување на потребите за трошење токму кога пандемијата предизвика пад на приходите од туризмот, плаќањата и цените на стоките. Додека мерките за заштита на деловните субјекти и работниците во напредните економии изнесуваа околу 20 отсто од БДП, оваа поддршка во земјите со ниски приходи беше само околу два отсто.
Со дури 115 милиони луѓе дополнително изложени на ризик да западнат во екстремна сиромаштија оваа година, денешниот длабок економски пад се заканува да ги уназади дведецениските придобивки во животниот стандард. Тековната штета ќе трае уште многу години, бидејќи децата, особено девојчињата, го напуштаат училиштето, квалитетот на здравствените услуги се влошува, а нивото на вработеност останува високо. Ова важи за сите нас. Несигурноста во сиромашните земји се претвора во нестабилност за остатокот од светот. Уште поважно, кризата од ковид-19 никогаш нема да заврши додека не се реши насекаде.
За таа цел, меѓународните институции и билатералните донатори мора да им помогнат на сиромашните земји додека паралелно работат на создавање добри економски услови за обнова на домашен терен. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) продолжува да им дава директна техничка помош и обука на своите членови, помагајќи им на владите да се справат со долговите, да соберат приходи и да управуваат со јавните финансии за да обезбедат ефективна испорака на суштинските услуги, вклучувајќи го и здравството.
Најважната задача сега е да им се помогне на земјите во развој со ниски примања да ја надминат тековната криза и да ја зајакнат отпорноста кон иднината. Билатералните донатори како Холандија ги дополнуваат заемните програми на ММФ со насочени интервенции за здравство, образование и создавање работни места, како и преку програми што се однесуваат на климатските промени и зазеленување на економијата.
Исто така, треба повеќе да им се помогне на земјите со неодржливо должничко оптоварување. Дури и пред пандемијата, околу половина од земјите со ниски приходи беа во или со висок ризик од долг. Сега, кога многу земји имаат само ограничен (доколку постои) пристап до ново финансирање на пазарот, тие се соочуваат со страшна дилема меѓу поддршката на нивниот народ за време на пандемијата и враќањето на нивниот долг.
Меѓународната заедница презеде неколку важни чекори за решавање на овој проблем. Со поддршка на 13 билатерални донатори, вклучувајќи ја и Холандија, ММФ обезбеди едногодишно раздолжување од околу 500 милиони долари за 29 од своите најсиромашни членки и сега бара дополнителни ресурси за да го продолжи ова олеснување до април 2022 година. Поздравено беше продолжувањето на Иницијативата за суспензија на долговите на Г20, која веќе им обезбеди на најсиромашните земји приближно пет милијарди долари привремено олеснување на долгот. ММФ, исто така, ги поддржа Г20 и Парискиот клуб во амбициозната нова заедничка рамка за решавање на долгот, која комбинира стандарден пристап кон донесување одлуки меѓу доверителите со пристап до секој поединечен случај за олеснување на долгот.
Покрај справувањето со долговите, на земјите во развој со ниски примања им треба силна меѓународна финансиска поддршка. Од почетокот на пандемијата, ММФ двојно го зголеми пристапот до финансиите за вонредни состојби и обезбеди 11 милијарди долари за итно финансирање на 47 земји од оваа група. ММФ ќе обезбеди доволен пристап до такви кредити и во наредните години. За да го стори тоа, ММФ смета на своите најбогати членки да го поддржат овој напор со обезбедување нови извори на заем за финансирање концесиски програми за кредити. Од почетокот на пандемијата, Фондот обезбеди дополнителни 22 милијарди долари и сега работи на мобилизирање грантови за да се обезбеди кредитирање со нула камата на овие нивоа. Многу билатерални донатори исто така ги зајакнаа своите програми за поддршка на земјите со ниски примања.
На земјите со ниски примања, сега им е најпотребна трговија. Во текот на изминатите две децении, светското ниво на сиромаштија драматично опадна, бидејќи овие земји го зголемија учеството на меѓународните пазари. Но пандемијата и постојаните трговски тензии го загрозија тој напредок. Отворен, стабилен и транспарентен трговски систем базиран на правила останува апсолутно важен за обезбедување светска економска стабилност, инклузивен и одржлив раст и долгорочен просперитет.
ММФ продолжува да го промовира закрепнувањето на светската трговија, работејќи на одржување на отворените пазари и залагајќи се за понатамошна реформа на политиката. Во рамките на Европската Унија, Холандија и Франција се залагаат за трговски политики што ставаат поголем акцент на одржливоста и на одговорното деловно однесување. За да се исполнат многуте неисполнети потреби на земјите со ниски примања, ќе бидат потребни дополнителни заеднички напори на билатералните донатори, вклучувајќи ги и националните банки за развој и мултилатералните институции. Заеднички може да им се помогне на најранливите земји и заедници да закрепнат од пандемијата. На тој начин ќе се изгради поотпорен и поинклузивен свет за секого.
Георгиева е управувачка директорка на ММФ, додека Сигрид Кааг е министерка за надворешна трговија и развојна соработка на Холандија